Прибирање средства со Телетон |
Monday, 29 December 2008 13:25 | |||
МЦМС, во рамките на својата програма Кампањи за мобилизација на фондови (КМФ), покрај следењето на трендовите за добротворството на граѓаните во Македонија (со редовни годишни истражувања), ги проверува и можностите за директна поддршка на граѓанските организации со повеќе методи применувани во други земји. Во досегашниот период беа организирани кампањски активности и во тие рамки – директна продажба на промотивни и кампањски материјали. Со оглед на тоа што целите на програмата се однесуваат на одржливоста на целиот граѓански сектор, МЦМС во овие активности соработува и со други граѓански организации и ги следи нивните иницијативи на тоа поле. Во последно време, актуелни се обидите на некои организации за организација на настани со висока медиумска покриеност и учество на лица од естрадата и јавниот живот воопшто, со кои се истакнува одреден проблем (пр. на лицата со хендикеп, децата – жртви на семејно насилство) и се поттикнуваат граѓаните на директна материјална поддршка на овие организации за работа на сузбивање на овие проблеми. При тоа се употребуваат разни методи за прибирање на средства: Во согласност со целите на програмата КМФ, МЦМС со овој проект ги поддржува ваквите иницијативи на конкретни граѓански организации и го применува принципот на кофинансирање – обезбедување на директна финансиска поддршка, во висина на собраните средства од самите организации, до границата на достапните фондови на МЦМС. Општа цел на проектот е придонес кон финансиската одржливост на МЦМС преку јакнење на јавната свест за можностите за поддршка на граѓанските организации. Цел на проектот е да се промовираат можностите за директна поддршка на конкретни активности на граѓанските организации, преку организација на јавни настани со висока медиумска експонираност и употреба на повеќе механизми за донирање (телефонски јаву-вања, СМС пораки, аукциски продажби и слично). Целна група на проектот се граѓаните на Република Македонија. Директни корисници се МЦМС, Полио плус, Меѓаши, а потенцијално и други граѓански организации во Република Македонија. Целно подрачје е Република Македонија. Проектот ќе се реализира во Скопје. Очекуван резултат на проектот е зајакната свест на граѓаните за индивидуална мате-ријална поддршка на граѓанските организации, како и прибирање средства за конкретни нивни активности со донации преку телефон. За реализација на проектот предвидена е директна поддршка (финансиски и со сопствено партнерско учество на настани) на граѓански организации за последователни активности на јавните настани со висока медиумска изложеност на кои се истакнати определени конкретни проблеми (во случајов проблемите на лицата со хендикеп и на децата – жртви на семејно насилство, но не ограничено само на нив). Поддршката ќе биде обезбедена за тестирање на повеќе механизми за донирање: телефонски јавувања, СМС пораки, аукциски продажби и слично. Тоа ќе вклучи организациски активности и трошоци поврзани со техниките на донирање, а ќе биде ограничена со принципот на кофинансирање во однос 1:1 (за износот обезбеден со граѓански донации, ќе се обезбеди еднаков износ на финансиската поддршка до ограничувањето со буџетот на проектот). Периодот на спроведување е 15 декември 2008 г. – 15 март 2009 г. Претпоставки кои влијаат и придонесуваат кон постигнување на проектните резултати се: координација на активностите со партнерите; соработка со другите актери, волјата на граѓаните за индивидуална поддршка и донирање средства за истакнатите проблеми. Проектот е финансиран од Службата за црковен развој (ЕЕД) и партнерите. Буџетот изнесува 1.800.000 денари.
|