Истражување на општествената одговорност на граѓаните - извршно резиме |
Monday, 29 December 2008 13:31 | |||
Просечната оценка за јавниот дух на граѓаните на Република Македонија (исполнување на законските должности кон општеството) според показателите од Прегледот на светските вредности за Република Македонија изнесува 2,61. Ова покажува дека македонското општество се карактеризира со низок степен на јавен дух. Со истражувањето на МЦМС за довербата и добротворството во Македонија од 2006 година како и со она од 2007 година се потврдува дека граѓаните сметаат дека државата е најодговорна во решавањето на општествените потреби. Граѓаните скоро и да немаат очекувања за социјална одговорност на претпријатијата. Според истото истражување многу граѓани даруваат, но нередовно и мали суми. Општа цел на проектот е придонес кон финансиската одржливост на МЦМС преку јакнење на јавната свест за одреден актуелен проблем и негово ублажување или решавање. Целта на проектот е да се испита состојбата со општествената одговорност на граѓаните на Република Македонија. Целна група на проектот се граѓаните на Република Македонија. Директни корисници се околу 6000 граѓански организации во Република Македонија и други актери од општеството. Целното подрачје е Република Македонија. Проектот ќе се спроведува во Скопје, а дел од активностите во повеќе населени места во земјата. Очекувани резултати се ажурирање на податоците за: јавниот дух (почитување на законската обврска) на граѓаните; учеството на граѓаните во политички непартиски активности; волонтерската активност на граѓаните во заедницата; учеството и активирањето на граѓаните во организациите на граѓанското општество; и добротворното давање на граѓаните. Проектот се спроведе преку следните активности: а) Анкета за општествената одговорност на граѓаните
б) Извештај за општествената одговорност на граѓаните Планираниот период на спроведување е 18 декември 2008 година – 31 март 2009 година. Претпоставки кои можат да влијаат на постигнувањето на резултатите се: јавноста да биде заинтересирана за учество во анкетата за општествената одговорност на граѓаните. Ризик може да биде доцнењето во реализирањето на анкетата со населението. Информациите од истражувањето ќе бидат во делови дистрибуирани до јавноста преку прес-соопштенија до медиумите, како и преку дистрибуција на информациите на мрежите до кои МЦМС има пристап, дипломатските претставништва и меѓународните организации. Во зависност од покриеноста на извештајот од страна на медиумите МЦМС ќе организира и промоција. МЦМС ќе го координира и набљудува спроведувањето на проектот. Проектот е финансиран од Службата за црковен развој (ЕЕД). Буџетот изнесува 800.000 денари.
|