Делувањето во партнерство и соработката се едни од клучните фактори за ефективно учество во креирање политики на локално ниво |
Friday, 20 December 2024 09:20 | |||
„Делувањето во партнерство со што е можно поголем број на граѓански организации и други релевантни чинители, како и одржување на редовни консултации и градење добри релации со носителите на одлуки се едни од клучните фактори за ефективно застапување и учество во креирање политики на локално ниво” беше истакнато на онлајн дебатата: Учество на граѓанските организации во креирање политики на локално ниво, организирана од страна на тимот на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2” на 17 декември 2024 година на платформата ЗООМ. Целта на настанот беше да се поттикне дискусија за улогата на граѓанските организации како катализатори на позитивни промени во заедниците и како тие можат да влијаат врз локалните политики за подобрување на квалитетот на животот во заедницата. За различните форми и механизми за консултации и граѓанско учество во креирање политики, носење одлуки, комуникација со локалните власти и мобилизација на заедницата зборуваше Златко Талевски, регионален експерт за Пелагонскиот плански регион во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”, осврнувајќи се, меѓудругото и на демотивацијата за активизмот и граѓанското учество: „Има случаи кога резултатите се целосно спротивни од договореното помеѓу граѓаните и носителите на одлуки и ваквиот исход во најголем број случаи ги демотивира луѓето да се активираат и да иницираат промени“ рече тој. Во понатамошниот дел од дебатата воведничарите зборуваа за улогата на граѓанските организации во процесите на донесување одлуки и капацитетите на граѓанските организации за ефективно застапување на локално ниво, споделувајќи притоа практични примери и научени лекции. Мери Нашоку од Младинскиот културен центар Битола зборуваше за партиципативниот начин на донесување на Стратегијата за развој на волонтерството во општина Битола за периодот 2023-2026 година, посебно истакнувајќи дека клучниот предуслов за успешноста на оваа иницијатива била политичката волја на локалните власти за поддршка на граѓанското учество. Самет Скендери од Институт за социјална промена ИнСоК, Гостивар го сподели со присутните искуството за застапување за остварување на правата на лицата без документи (лица неевидентирани во матичните книги на Република Северна Македонија). „Најголемите предизвици со кои се соочивме беа: комплексност на административните процедури, недоволна јавна свест за проблемот, ограничен пристап до правни ресурси и финансии и отпор од заедницата поради културни причини“ истакна тој. Настанот послужи и за презентирање на новата онлајн алатка на ГРЦ за промоција, поддршка и следење на иницијативи за застапување на граѓанските организации. Алатката ја презентираше Валентина Величковска од Граѓанскиот ресурсен центар, истакнувајќи дека алатката претставува база со релевантни информации за граѓанските иницијативи за застапување и ќе придонесе кон зголемување на видливоста и ширење на овие информации како и поттикнување за здружување на силите со други групи и/или организации кои ја имаат истата заедничка цел. Во вториот дел од настанот, присутните имаа можност да дискутираат за можностите и предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации во процесите на нивно учество во креирање на политики на локално ниво, а беа поврзани главно со: законските одредби и правни поуки за добивање одговор од локалните власти за поднесени иницијативи, особено во случаи кога локалните власти ги игнорираат поднесените иницијативи и не одговараат во законски пропишаните рокови, дури и во случаите кога се работи за информации од јавен карактер. Настанот е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Спроведуван е од Националната фондација за развој на граѓанското општество „Граѓански ресурсен центар“, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар и Медиа плус, Штип.
|