Дигиталната трансформација води кон поефективно и ефикасно функционирање на граѓанските организации |
Tuesday, 17 December 2024 09:08 | |
Работилницата за дигитална трансформација на граѓанските организации организирана на 12-13 декември 2024 година, во Охрид, ја потврдува континуираната поддршка на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” за јакнење на капацитетите на организациите на теми потребни за нивно поефективно делување. Стратешката агенда на ЕУ 2024–2029 година, усвоена од Европскиот совет во јуни 2024 година, ги дефинира главните приоритети на Европската унија за следните пет години. Една од клучните области на фокус во оваа агенда е зелената и дигиталната транзиција, која има за цел промовирање на иновации, одржливост и технолошки развој, истовремено поттикнувајќи економски раст и социјална инклузија. Со оглед на важноста на дигиталната транзиција, Граѓанскиот ресурсен центар става поголем акцент на јакнење на капацитетите на граѓанските организации за нивна дигитална трансформација. Првата сесија од работилницата беше посветена на дигиталната трансформација насочена кон внатре со посебен акцент на алатки за управување со тимови и проекти. Обучувачката Анита Гаговска ја презентираше употребата на апликацијата ClickUp, која може да функционира како „дигитална канцеларија“. Таа објасни дека апликацијата овозможува дневен преглед на сите задачи, што е особено корисно за организации со поголем број членови и проекти, каде што работните обврски може да се преклопуваат и стануваат обемни. Ова ја олеснува комуникацијата и координацијата меѓу членовите на тимот. Анита истакна дека ClickUp не е единствената опција – постојат и други алатки, како Monday.com, и секоја организација треба да ја избере онаа што најмногу одговара на нејзините потреби. Втората сесија од обуката беше посветен на дигитална трансформација кон надвор, со акцент на дигиталното присуство и застапување преку социјалните мрежи. Дигиталното застапување беше истакнато како моќна алатка за подигнување на јавната свест и поттикнување социјални промени. Во дискусијата беа опфатени различни бесплатни алатки достапни за организациите, како Canva, која во својата про-верзија бесплатно опфаќа до 50 членови, доколку организацијата достави соодветна документација. Дополнително, беа презентирани стратегии за постигнување ефективен дострел со ниски трошоци и креирање апликации базирани на потребите на корисниците. Дигиталната ера донесе нови алатки и начини за влијание, меѓу кои и новата професија на Social Impact инфлуенсери – личности кои ја користат својата платформа за позитивни општествени промени. Овој концепт, иако првично поврзан со социјалните мрежи, значи некој што инспирира и поттикнува позитивни акции кај другите. Пример за таков инфлуенсер е Greta Thunberg, која предизвикува глобални лидери да преземат акција за климатските промени. Денешните корисници бараат автентични и персонализирани приказни. За успешна дигитална трансформација, важно е да се дефинира јасна целна публика. Во работилницата учесниците научија како да креираат соодветни персони за нивните кампањи, што е клучно за нивно успешно досегнување. Притоа, тие добија корисни информации за користење на социјални медиуми и оптимизирање на објавите за максимално влијание. На вториот ден се направи осврт на дигиталните решенија базирани на социјални иновации кои се креативни и одржливи пристапи кои користат технологии за да адресираат специфични општествени предизвици. Овие решенија се дизајнирани да создадат позитивно влијание во заедницата, преку примена на иновативни идеи и методи за решавање на проблеми во различни сектори. На работилницата учесниците беа поттикнати да размислуваат иновативно и да ја искористат својата експертиза заедно со техничките лица за да развијат изводливи решенија. Со овој пристап, учесниците беа мотивирани да се фокусираат на практични решенија што можат да направат разлика во заедницата, користејќи ги социјалните иновации како основа за позитивен напредок. На работилницата, учесниците имаа можност да го применат своето стекнато знаење преку практични вежби во групи. Целта на овие вежби беше да се поттикне креативноста и тимската работа, при што секоја група идентификуваше конкретен проблем и предложија ефективни и изводливи решенија. Овие активности придонесоа за зајакнување на практичните вештини и овозможија учесниците да добијат реален увид во процесот на развој на креативни решенија што може да имаат позитивно влијание врз нивната заедница. Ова е прва од низата работилница на темата. По завршувањето на работилницата сите заинтересирани учесници имаат можност да користат менторска поддршка за спроведување на дигиталната стратегија во својата организација. Дополнително, воведната обука за дигитална трансформација на граѓанските организации е достапна и онлајн во Академијата за граѓански организации. Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар
|