„Згази ја корупцијата“ – силна порака испратена на Скопскиот маратон 2024 |
Tuesday, 08 October 2024 13:40 | |||
Оваа година, Скопскиот маратон не беше само спортски настан, туку и платформа за вклучување на граѓаните во борбата против корупцијата. Програмата „Граѓаните против корупцијата“ беше дел од дваесеттото јубилејно издание на маратонската трка, каде речиси 13.400 тркачи симболично ја „Згазија корупцијата“, а преку интерактивните активности и едукативни материјали илјадници граѓани беа мотивирани да се вклучат во антикорупциските иницијативи. За време на Експо деновите на 4 и 5 октомври, речиси 700 граѓани го решија квизот „Каков антикорупциски шампион сте?“, откривајќи дали се антикорупциски едукатори, мобилизатори или истражувачи. Учесниците добија награди во форма на спортски стегачи и чорапи за трчање. Граѓаните, исто така, се запознаа со веб-алатката „Реагирај“, која им овозможува со едноставен клик да испратат реакции до надлежните институции за проблемите кои ги засегаат. Присутните ја поздравија иницијативата, нагласувајќи дека ваквите алатки, кои им дозволуваат директно да се вклучат во борбата против корупцијата, се од суштинско значење за справувањето со овој општествен проблем. На 6 октомври, за време на маратонот, кој собра рекорден број од 13.400 учесници, програмата „Граѓаните против корупцијата“ постави штанд на плоштадот „Македонија“, каде стотици граѓани беа информирани за важноста на борбата против корупцијата. Тимот, преку интерактивна комуникација и делење промотивни материјали, ги поттикна граѓаните активно да се вклучат во барањето на транспарентност и отчетност од институциите на државата. Тимот имаше и посебен штанд за бодрење на тркачите, каде делеше лимони за освежување. Тркачите добија поддршка преку транспаренти и пораки да не се откажуваат и да продолжат кон целта. Впечатливи беа и асфалтните лепенки „Згази ја корупцијата“, поставени долж патеката за трчање, преку кои маратонците симболично испратија порака дека за корупцијата нема место во нашето општество. Овој настан уште еднаш потврди дека граѓаните се подготвени и мотивирани да се вклучат во борбата против корупцијата, испраќајќи силна порака за важноста на заедничката акција во изградбата на подобро општество.
|