Младите можат и сакаат да бидат дел од активностите за подобрување на животната средина |
Thursday, 10 October 2024 09:39 | |||
На 7 октомври 2024 година, тимот на Цивика мобилитас ја организираше втората средба помеѓу грантистите и НЕ Вероник Хулман, Амбасадорката на Швајцарија. На средбата беа презентирани поддржаните проекти од областа на животната средина и климатските промени, а целта беше, покрај подеталното запознавање, да се поттикне дискусија за предизвиците со кои се соочуваат организациите при спроведувањето и да се видат можностите за синергија меѓу нив и другите проекти поддржани од Владата на Швајцарија. „Потребна е поголема свесност кај политичарите за прашањата поврзани со животната средина“, нагласи Амбасадорката Хулман, а Кармени Тенисен, заменик директор на Глобалната програма за безбедност на храна во Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) истакна дека граѓанските организации би требало да се позанимаваат со промена на менталитетот и да го следат спроведување на политиките таму каде што ги има. Претставниците на граѓанските организации информираа за тековните активности кои вклучуваат иновации за зелена социјална работа, за процесите на компостирање и собирање био отпад, за Зелена агенада на Западен Балкан во општините итн. Дел од нив истакнуваа дека дека за климатските промени треба повеќе да се зборува и работи на локално ниво, но дека мора да се имаат предвид ограничувањата на општинските буџети и на човечките ресурси, особено на малите општини. Амбасадорката Хулман поттикна размислување за воспоставување на платформа за животна средина на национално ниво. Таа се интересираше за вклучувањето на младите во активностите на оваа теме, особено ако се има предвид дека често се зборува за нивната апатичност. Присутните се согласија дека младите треба да бидат клучни актери во промените. „Без разлика колку немотивирани изгледаат, ако го најдете вистинскиот пристап, тие учествуваат“, рече Ирина Главинчевска од Извидничкиот поречански одред КРСТЕ ЈОН од Струга и додаде дека е важно да им се покаже на младите дека нивниот глас се слуша и се вреднува. Слични искуства сподели и Никола Нешкоски од Еко Логик. Според него, проблем е што натавата на децата главно се базира на теорија, а малку на пракса, а од друга страна, тие многу повеќе учествуваат и учат од пракса. „Кога ќе им се даде признание на младите, тие сакаат да продолжат и да бидат активни“, рече тој. На состанокот учествуваа претставници на Центарот за младинскиот активизам Крик, Центарот за социјални иницијативи „Надеж“ , Центарот за климатски промени – Гевгелија, Еко-зелено движење-Берово, Извидничкиот поречански одред КРСТЕ ЈОН – Струга, Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ) , Еко Логик и Регионален зелен центар Охрид.
|