Комуникациски вештини за предизвиците на новото време |
Wednesday, 27 March 2024 15:02 | |||
Претставници на институциите кои го сочинуваат Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБПТ) и на граѓанските организации беа дел од обуката што ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и се одржа од 21 до 23 февруари 2024 година во Велес. Обуката беше посветена на Комуникациски вештини, односи со медиумите, отпорност на лажни вести и комуникација во криза. Во воведниот дел учесниците разговараа за потребата од постојано подобрување на комуникациските вештини и знаења, особено во време кога сите се соочуваме со предизвиците на новите технологии, лажните вести, вештачката интелигенција и слично. Ова особено е важно кога се имаат предвид темите со кои се занимава ова тело и институциите вклучени во неговата работа. Во таа смисла и почетокот на обуката беше резервиран за пронаоѓање на стилот на комуникација на учесниците како и за правилата и причините за прекин во комуникацијата и комуникацијата преку повеќе канали. Во вториот дел, учесниците имаа можност да поработат на вештините за комуникација со медиумите. Низ дискусијата со Снежана Лупевска Созен, истражувачки новинар, главен и одговорен уредник на Телевизија Телма тие имаа можност да ги разберат потребите на новинарите и медиумите за навремени информации од релевантни извори какви што се институциите. Исто така, можеа да ги пренесат забелешките на известувањето на дел од новинарите и медиумите, особено кога станува збор за чувствителни прашања. Тие се согласија дека е корисна континуирана соработка низ која подобро ќе се запознаат институциите и медиумите и подобро ќе ја разберат природата на работата на другиот што ќе обезбеди попродуктивен однос од кој граѓаните би добиле навремени, проверени и квалитетни информации. За лажните вести, за тоа како се дефинираат, како се создаваат, шират и како да се препознаат со учесниците зборуваше проф. д-р Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања. Учесниците во овој дел покажаа голем интерес со оглед на популарноста на темата. Низ примери, тие имаа можност да се запознаат и да препознаат дел од лажните вести на кои и самите биле сведоци како секојдневни конзументи на информации. Тие изразија подготвеност да продолжат со споделување на наученото знаење и вештините за препознавање лажни вести како би се изградиле професионални човечки капацитети кои ќе бидат отпорни кон лажните вести, дезинформациите и нарушена комуникација. Последниот дел од обуката беше резервиран за основни насоки за комуникација во криза. Како дел од институциите, дел од учесниците поминале низ одредени кризни ситуации во кои навременото информирање не било секогаш високо на листата на приоритети. Тие разговараа за чекорите кои треба да се преземат во вакви ситуации, а потоа, во групи подготвуваа известување за медиумите и јавноста. Комуницирањето во криза е клучно за одбегнување на страв и паника кај јавноста, а отвореноста на институциите може многу да придонесе за смирување на состојбата. Обуката беше организирана како дел од активностите на програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ (РРП) која ја спроведува МЦМС во партнерство со НЕКСУС-граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива, Плеиадес и Хоризон Цивитас. Програмата ја финансира Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата (ГЦЕРФ).
|