| Општините на првата линија: впечатоци од студиската посета во Холандија |
|
|
|
| Monday, 29 June 2026 08:24 | |
|
Проактивната улога на општините, меѓуинституционалната соработка, континуираното градење на капацитетите, волонтеризмот и превенцијата преку заедницата се клучните впечатоци кои ги издвоија учесниците на студиската посета во Холандија која се одвиваше од 9 до 11 јуни 2026 година во Хаг и Делфт. Претставници на националните институции поврзани со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, на општините Арачиново, Бутел, Гази Баба, Кичево, Сарај, Струга и Чаир и три граѓански организации имаа средби и дискусии со претставници на Министерството за правда и безбедност во Хаг и со претставници на општината Делфт.
За главните карактеристики на локалниот пристап и различните улоги на партнерите вклучувајќи ги општините, полицијата, здравствениот сектор и социјалните работници тие зборуваа со Мартен ван Леувен (Maarten van Leeuwen) од канцеларијата на Националниот координатор за безбедност и контратероризам. Проценката на заканите од тероризам во Холандија се прави двапати годишно и опфаќа генерална оценка на радикализацијата, екстремизмот и националните и меѓународните терористички закани. Тој посебно се задржа на локалниот пристап и потенцираше дека во него, централната улога им припаѓа на општините каде се прави рана детекција на радикализацијата, се комбинираат широкиот пристап со индивидуалниот, се поврзуваат локалните, националните и меѓународните димензии и се инсистира на соработка меѓу безбедносните и аспектите поврзани со здравствена грижа. Подетално за локалниот пристап, учесниците можеа да слушнат од домаќините во општина Делфт, регионалниот советник од Хаг и претставникот на Куќата за грижа и безбедност (Care and Safety House). „Потребна е политика за справување со насилниот екстремизам која е динамична, која може да биде сменета во согласност со заканите, да се оди чекор по чекор, да се остави време за градење доверба и партнерство и да се гради со најдобрите луѓе што ги имаме, не само со најдобрите практики“, вели Лилиан де Јонг (Lili-Anne de Jongh), политички советник за радикализација и општествена отпорност од општина Делфт. Таа, заедно со Виес ван Диптен (Wies van Dipten), раководител на процесите за радикализација во Советот за грижа и безбедност на Делфт ги презентираа превентивните мерки на локално ниво и важноста на локалните партнерства, сигналите на радикализација на локално ниво објаснувајќи го методот на клучно лице во тој процес и пристапот насочен кон личноста. „Како општини, ние сме најблиску до граѓаните и знаеме со што се соочуваат тие и како да им помогнеме. Затоа е толку клучна нашата улога во борбата против насилниот екстремизам“, вели Виес ван Диптен. За време на посетата, учесниците имаа можност да се сретнат со неколку локални професионалци кои се дел од локалната мрежа на граѓани кои придонесуваат во превенцијата од радикализација како и со еден од локалните професионалци за социјална заштита. За себе велат дека во ваквите активности ги води нивната посветеност на чувството за безбедност. Како мрежа, сакаат да ги „уловат“ тие мали сигнали кои можат да им покажат дека се случува нешто со луѓето и на тој начин да превенираат проблемите да не ескалираат. За регионалната и националната соработка, Куќите за грижа и безбедност зборуваше Јоеп ван дер Гест (Joep van der Geest) координатор на регионалната мрежа за превенција и спречување на насилен екстремизам. Предностите на оваа координација се меѓусебното учење, започнувањето нови иницијативи, стандардизацијата на пристапите и силната мрежа. Според него, посветеност е клучна со оглед на тоа што регионалната координација е волонтерска. Споделувајќи ги нивните впечатоци, учесниците, особено ја потенцираа проактивноста на општините во Холандија. Тие самостојно следат, иницираат и делуваат за прашањата поврзани со радикализација и насилен екстремизам. Она што сакат да го видат во своите општини е унифицирање на познавањата на овие теми, и можноста да се препознаат раните знаци на овие појави. Покрај обуките на човечкиот капацитет на локално ниво, потребно е и подобрување на мултисекторската соработка и мобилизација на комплетен тим за да може да се делува. „Студиската посета во Холандија ми укажа на тоа колку е значајна улогата на локалните власти во превенцијата. Сметам дека во Македонија треба активно и многу да се работи за да бидат вклучени локалните власти во превенцијата. Особено бев импресионирана од фактот дека постојат лица волонтери, и тоа не само технички персонал, туку и лица кои се стручни во своите области, како психолози, социјални работници, и сите заедно придонесуваат кон побезбедна заедница“, рече Билјана Сарагинова Панчевска од Министерството за внатрешни работи. „Она што би сакала да го пренесам во Македонија е пристапот на меѓусебната доверба помеѓу сите институции, нивната отворена комуникација и силна координација како основа за поефикасна превенција. Особено значајно е што сите чинители работат заеднички, имаат заедничка цел, со брза и отворена комуникација и размена на информации, и секако, заедничко преземање на сите потребни активности“, додава таа. „Видовме и добивме многу искуства за тоа како холандските локални самоуправи се соочуваат со вакви проблематики и начинот на кој тие детално превенираат многу проблеми од оваа област. Сметам дека со овие искуства многу ќе можеме да придонесеме во нашата држава и да ги имплементираме истите практики во нашите општини“, ги сподели своите впечатоци Фарук Невзади од општина Чаир. „Особено добар впечаток ми остави работата на социјалните работници, волонтерите што работат во општините во Холандија. Мислам дека со мал ангажман и мало зголемување на ресурсите, сите практики и политики можеби и ние кај нас ќе можеме да ги примениме, бидејќи социјалните работници и кај нас и кај нив се првите луѓе кои ќе ги разберат предизвиците и фактички ќе ја превенираат состојбата доколку би се појавила од вакви насилнички групи“, истакна тој. Студиската посета влијаеше на учесниците да ја зајакнат свеста за прашањата на радикализацијата и насилниот екстремизам. На крајот од посетата тие сметаат дека овие теми ќе стануваат се поактуелни, а основите за насилниот екстремизам и радикализацијата ќе бидат различни. Затоа, сметаат учесниците, треба да се рашири дискусијата за овие теми. Проблемот на општините е недостатокот на човечките капацитети. Од друга страна, националните институции сами по себе не можат да бидат ефикасни без локалните власти. Затоа, симбиозата на двете нивоа, во соработка со граѓанските организации можат да ја овозможат потребната проактивност и да работат на јакнење на отпорноста на заедниците. Студиската посета ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка и координација со Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам. Целта на посетата беше запознавање со практични модели на локална координација во областа на превенцијата и безбедноста, со посебен акцент на улогата на општината. Посетата беше организирана како дел од програмата „Рехабилитација за отпорност: патот напред“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Центарот за заедничка основа (ЦЗО) и Отворена порта – Ла Страда.
|