Младите од Шуто Оризари во улога на чувари на човековите права |
Tuesday, 09 January 2024 15:29 | |||
За разлика од традиционалните медиуми, говорот на омраза побрзо се шири низ онлајн медиумите и има големо влијание во креирањето на јавното мислење. Тој во себе содржи предрасуди и дискриминирачки елементи кои најчесто се насочени кон маргинализираните групи луѓе. За да им помогнат на младите од Општината Шуто Оризари да ја препознаат и одговорат на оваа појава во општеството, Здружението за заштита и едукација на деца и млади Роми – Прогрес го иницираше проектот „Чувари на човековите права.“ Преку проектните активности, младите беа едуцирани полесно да ги детектираат информациите каде постои говор на омраза и дискриминација и беа охрабрени да реагираат на овие појави со што би се санкционирале изворите на говорот на омраза.За разлика од традиционалните медиуми, говорот на омраза побрзо се шири низ онлајн медиумите и има големо влијание во креирањето на јавното мислење. Тој во себе содржи предрасуди и дискриминирачки елементи кои најчесто се насочени кон маргинализираните групи луѓе. За да им помогнат на младите од Општината Шуто Оризари да ја препознаат и одговорат на оваа појава во општеството, Здружението за заштита и едукација на деца и млади Роми – Прогрес го иницираше проектот „Чувари на човековите права.“ Преку проектните активности, младите беа едуцирани полесно да ги детектираат информациите каде постои говор на омраза и дискриминација и беа охрабрени да реагираат на овие појави со што би се санкционирале изворите на говорот на омраза. Дваесет млади кои изразија интерес да се вклучат во проектот беа обучени за етичко и истражувачко новинарство. На двете обуки тие учеа како да препознаат дискриминација искажана преку социјалните медиуми за да можат успешно да детектираат дискриминација врз Ромите и другите маргинализирани групи. Покрај тоа, учеа и за различните социо-економски проблеми кои долгорочно постојат во општината и кои негативно влијаат на справувањето со дискриминацијата. Обуките успешно ги завршија 14 момчиња и шест девојчиња од средното училиште „Шаип Јусуф“, од Шуто Оризари. Десетмина кои беа заинтересирани продолжија понатаму и се вклучија активно во подготовката на 10 истражувачки стории поврзани со дискриминацијата и исклучувањето на Ромите од општеството. Во првата сторија беа опфатени здравствените права и заштита на жените Ромки, односно недостатокот на гинеколог во општината. Младите направија неколку интервјуа со жените Ромки за негата и заштитата кои (не)ги добиваат. Следната истражувачка приказна ја опфати дискриминацијата на работното место. Со обработката на вестите и анализите од граѓанскиот сектор, но и преку дискусија со локалното население, младите истражувачи разбраа дека голем број лица биле дискриминирани само затоа што биле Роми. Со истражувањата тие увидоа дека постои голема социјална дистанца меѓу Ромите и другите групи граѓани, и во приватната и во јавната сфера на животот. Од разговори со локалното население, произлезе дека не се ретки случаите кога на Ромите им се нудат пониски работни позиции и во случаи кога ги исполнуваат сите услови и квалификации за повисока позиција. Во подготовка на сториите, најобесхрабрувачко е соочувањето со реалноста дека кога се работи за дискриминација или прекршено право врз ромската популација не се постапува по добиените пријави и тие не се третираат сериозно од институциите. Заради ова, дискриминираните, се почесто својата правда треба да ја бараат пред Европскиот суд за човекови права. Ова ги обесхрабрува луѓето и тие не ги пријавуваат случаите на дискриминација до релевантните институции. Работејќи на овие стории младите го детектираа единствениот случај на утврдена дискриминација од судот во Битола и со чија одлука беше исплатена оштета на лицата од ромската заедница на кои не им бил дозволен влез во локалниот базен поради нивната етничка припадност. Покрај констатациите за присутната дискриминација кон Ромите во здравството, државните институции, културно-социјалниот живот, младите истражувачи во текот на обработката на приказните ја увидоа и тежината на споделуваните информации на социјалните мрежи. Иако постојат алатки на социјалните медиуми каде може да се пријави говорот на омраза за да се отстранат ваквите објави, во пракса не се следат и не се отстрануваат содржините кои пренесуваат дискриминирачки пораки. Овој проект овозможи овие млади да бидат проактивни во борбата со дискриминацијата и да креираат врсничка едукација за подобро справување со говорот на омраза со кој секојдневно се соочуваат и да продолжат да бидат борци за човекови права и недискриминација во својата заедница. Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, а финансиран од Европската Унија.
|