Обука за оспособување на вработените во општините |
Friday, 20 June 2008 01:00 | |||
“Среќен сум што бев дел од обуката. Истата ќе најде голема примена на моето работно место, затоа што таму потребата од изработка на прес соопштенија и прес конференции е голема. Исто така ќе имам корист и во секојдневната комуникација со граѓаните“, ни изјави Влатко Анастасоски, раководител на одделение за локален и економски развој во општина Прилеп. Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), од 17-19 јуни оваа година, во хотелот „Континентал“ во Скопје, организираше тридневна обука за односи со јавноста. На обуката присуствуваа 12 претставници од општините, фокус заедници во програмата Локален развој на заедниците (ЛРЗ), која ја спроведува МЦМС. На обуката учествуваа претставници од општина Прилеп, Велес, Конче, Старо Нагоричане, Чашка, Карбинци, Могила, Долнени и Сарај. Целта на оваа обука беше претставниците од единиците на локалната самоуправа да добијат основни знаења од односите со јавноста. Со добивањето на одредени вештини, учесниците ќе можат полесно да управуваат во комуникацијата со јавноста. На обуката беа обработени темите: значење на односите со јавноста и релациите со медиумите, градење стратегии за односи со јавноста, подготовка и вештини на презентација, радио и ТВ интервју, информативни и промотивни материјали, прес соопштение и прес конференции. Комуникацијата со целните групи и општата јавност е клучна во градењето на имиџот на општините. Дел од вештините со кои се стекнаа учесниците беа подготовка на добри презентации, комуникација со медиумите и градење на стратегија на односи со јавност. Со ова, општините ќе бидат подготвени за предизвиците кои ни ги наметнува модерното време. “Обуката беше сосема во ред, одличен беше соодносот на теоријата и праксата. Во текот на целата обука ни беше овозможено целосно вклучување“, ни изјави Влатко Анастасоски, раководител на одделение за локален и економски развој во општина Прилеп. “Без разлика што не работам во ваков сектор, обуката ќе најде голема примена во моето работење“, ни кажа Емилија Спасиќ, помош соработник, од општина Старо Нагоричане. Обуката ја спроведе Гонце Јаковлеска, соработник за односи со јавноста во МЦМС.
|