Герила акција за идентификување дивоградби |
Friday, 24 February 2023 16:55 | |||
Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. организираше герила акција за идентификување дивоградби која се одржа на 28 јануари 2023 година пред Трговскиот центар во Кисела Вода. Со помош на реквизитите кои ги користеа, тие ги претставија дивоградбите и ја одразија нивната симболика - непланско и ненајавено поставување во просторот, несоодветен материјал, узурпација и оптоварување на просторот и неговата инфраструктура. Со нив, тие го поттикнаа интересот на минувачите. Фокусот на настанот беше на контактот со граѓаните. Дваесетмина од присутните беа прашани за нивните ставови поврзани со дивоградбите. Овие информации, заедно со информациите кои проектниот тим ги побара од институциите по пат на пристап до информации од јавен карактер, создаваат база на знаење на темата дивоградби во Кисела Вода и начините на кои Општината се справува со нив. Според Е.Д.Е.Н, ставовите на граѓаните, за жал, ја одразуваат проблематичната состојба во институциите. Граѓаните се незадоволни и гледаат дека нивното дејствување може и да не вроди со плод, а дури и кога ќе има некакво поместување, отсуствува завршница со која се покажува дека правдата е слепа, а законите важат еднакво за сите. Еден од учесниците сведочеше за заобиколувањето на процедурите од кои, последица се дивоградбите. Според него, граѓаните на кои им е укажано дека објектот е противправно изграден бараат пријатели и стигнуваат до целта. Други учесници ги кажаа своите искуства со пријавувањето дивоградби на кои општината не реагирала. Според нивните сознанија, станувало збор за сопственици кои биле поврзани со вработени во општината кои им помогнале да ги легализираат. „Сето ова е јасен показател дека се потребни коренити системски промени, во чија срж е граѓанското дејствување. Таквата потреба беше инспирација за прашањето кое го мониторираме и е непобитен доказ за важноста на темата која ја обработува проектниот тим“, велат од Е.Д.Е.Н. Герила акцијата беше овозможена со проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
|