На Струмица ѝ треба решение со селекцијата на отпад |
Thursday, 09 March 2023 14:22 | |||
Големо мнозинство од испитаниците од Струмица (91,2%) се загрижени дека? граѓаните несовесно фрлаат ѓубре, а помалку од половината (46,2%) сметаат дека општината не се грижи за постапувањето со отпадот. Сличен е процентот и на оние кои сметаат дека комуналното претпријатие не работи за намалување на загадувањето преку селектирање и рециклирање (48,8%). Ова го покажаа резултатите од анкетата која ја направи здружението Зелен институт во општина Струмица. Анализата на резултатите ја презентираа Лилјана Поповска и Ана Петровска од Зелениот институт на 26 јануари 2023 година во салата на Советот на Општина Струмица пред 27 учесници меѓу кои и градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на советот Марјан Даскаловски, советникот Ѓорги Танушев, претставници на општината и јавното комунално претпријатие, како и заинтересирани граѓани и медиуми. Покрај за проблемите, се дискутираше и за можните решенија. Зелен институт, преку својот проект „Селекција и рециклажа на отпадот за намалено загадување во општините Струмица, Ново Село и Босилово“ ја набљудува работата на независните советници од листите на „СТИГА Е“. Фокусот е на нивното предизборно ветување за селекција и рециклирање на отпадот. Иако мнозинството испитаници сметаат дека досегашните заложби во борбата против загадувањето од депониите се недоволни, сепак, прашани за конкретни мерки кои ги преземаат советниците од оваа иницијатива, граѓаните најчесто го препознаваат чистењето отпад, повикот до градежните компании да не фрлаат градежен шут на несоодветни локации, работата во Советот на општината особено поврзана со носење одлука за селекција и рециклирање итн. Отпадот е горливо прашање во регионот, со голем број диви депонии преполни со пластика и биомаса, кои ја загадуваат почвата и водите, но и лесно се палат и го загадуваат воздухот. Раководителот на сектор во комуналното претпријатие, Бранко Георгиев, се пожали на слаба заинтересираност на граѓаните и рече дека само 48 граѓани учествувале во селекцијата на отпад со пластични кеси поделени од општината во последниве шест месеци. На тоа Митко Гогов предложи да се воспостават т.н. еко-маала кои би селектирале и би биле пример за останатите. Самите анкетирани граѓани сметаат дека се еколошки освестени. Вкупно 93,8% рекле дека знаат да селектираат и рециклираат, 72,5% ја одвојуваат пластиката и хартијата, а 80,0% го селектираат стаклото. За жал, 85,0% рекле дека немаат во близина контејнер за рециклирање, а 98,8% би селектирале ако имаат услови. Граѓаните се грижат да се намали загадувањето (92,5%) и сметаат дека градоначалникот и советниците треба итно да овозможат услови за поголема селекција и рециклирање (96,2%) на отпадот. По дискусијата беше заклучено дека е потребна информативна кампања за граѓаните, проследена со подготовка од општината за договори со колективни постапувачи, поставување контејнери и утврдување чекори за постапување. Сите се согласија сево ова да се најави и промовира на еден граѓански форум на почетокот на април. Анкетата и работилницата се овозможени со проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
|