Со телефонската апликација „Дибра он“ до поголемо граѓанско учество |
Friday, 17 February 2023 14:33 | |||
Центарот за одржлив развој на заедницата (ЦОРЗ) од Дебар на 8 февруари 2023 година одржа јавна трибина, на која ја презентираше мобилната апликација „Дибра он“ наменета за пријавување комунални проблеми. Трибината се одржа во просториите на општината и на неа покрај заинтересираните граѓани, учествуваа и градоначалникот, претседателот на Советот, советници на општинскиот совет, претставници на Јавното комунално претпријатие „Стандард“, претставници на граѓанските здруженија и на општинската администрација. Техничките можности на апликацијата ги презентираше Адиса Мулареџа од организацијата „Ротера“ која ја подготви апликацијата. Таа им даде инструкции на присутните како да ја инсталираат во електронските уреди и како да ја користат. Со помош на оваа мобилна апликација, граѓаните ќе имаат можност да пријават комунален проблем со текст, слика или географска положба. Проблемите поврзани со водоснабдувањето, канализацијата, инфраструктурата, осветлувањето или заштитата на животната средина ќе бидат евидентирани во апликацијата и таа ќе ја алармира општината и надлежните органи и компании. Во дискусијата што следуваше, присутните зборуваа за преносот на информациите, за додавање нови компоненти итн. „Апликацијата е многу атрактивна и потребна алатка преку која може да заштедиме време и многу лесно да дојдеме до потребните услуги“, рече Блета Села, член на Советот на општината и додаде дека со тек на време, таа ќе треба да се прилагоди за да можат да ја употребуваат сите граѓани без разлика на нивната возраст или степенот на образование. Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука и претседателот на Советот, Фухат Спахиу ја подржаа апликацијата и истакнаа дека таа ѝ е потребна на општинската администрација исто колку и на граѓаните. На овој начин, локалната власт е поблиску до граѓаните и ѝ дава можност да ја зголеми транспарентноста и отчетноста. И за Илбер Муладаути, апликацијата многу добро направена, „но“, вели тој, „мислам дека е потребно дополнително промовирање во разни медиуми. Треба дури и да се провери дали има потреба за посебна едукација за нејзината примена (во училиштата, институциите и др.)“. Сите предлози за подобрување ќе бидат земени предвид за да може граѓаните да добијат функционална алатка што ќе ја користат постојано. Трибината и подготовката на апликацијата беа овозможени со проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
|