Проценка на корисниците за влијанието на Цивика мобилитас |
Friday, 28 May 2021 19:25 | |||
Цивика мобилитас е првата програма во РС Македонија, но и во Европа на која ќе биде спроведена Проценка на корисниците (ПК). Станува збор за уникатен и иновативен процес кој ги вклучува граѓаните и граѓанските организации, односно корисниците на Цивика мобилитас. Нивните оценки ќе бидат собирани преку интервјуа, фокус групи и директно набљудување. Анализите на одговорите ќе покажат дали и во која мера Цивика мобилитас имала влијание врз општествените промени. Информациите на терен ќе ги собираат околу 80 граѓански набљудувачи, а самото прибирање информации ќе трае околу еден месец. Структурата на Проценката на корисници функционира независно, надвор од програмскиот тим што ги спроведува активностите. На овој начин се елиминира влијанието на спроведувачите и се обезбедува објективност на оценката. Покрај граѓанските набљудувачи, во структурата се вклучени и ко-фасилитатори, и национален фасилитатор. Цивика мобилитас избра осум ко-фасилитатори кои, заедно со граѓанските набљудувачи, ќе ги покријат сите осум плански региони. Покрај влијанието на општествените промени, Проценката на корисниците ќе се фокусира и на научените лекции од помагањето на граѓанските организации да работат поефективно со своите корисници и на начините за комуникација меѓу Цивика мобилитас и граѓанските организации со нивните корисници, како и нивната ефективност. Спроведувањето на целиот процес на Проценка ќе овозможи да се тестира методологијата која подоцна може да се користи од граѓанските организации за спроведување на нивни проценки на корисниците. Досега се одржаа три обуки за ко-фасилитаторите на кои тие се запознаа со концептот на Проценка на корисниците, принципите и стандардите. Зборуваа и за тоа кои се всушност корисниците и кои би биле клучните прашања кон нив. Потоа им беа презентирани техниките и алатките за прибирање на податоци. Национален фасилитатор за Проценката на корисниците е Лилјана Алчева. Таа ја постави методологијата за работа, ќе ги координира ко-фасилитаторите и ќе го води и надгледува процесот собирање податоци, подготовка и потврда на извештајот. Резултатите од анализата за Проценка на корисниците, се очекува да бидат доставени до Цивика мобилитас во октомври 2021 година.
|