Отворен Граѓанскиот ресурсен центар во Гостивар |
Tuesday, 15 May 2018 15:05 | |||
„Проектот ТАКСО, кој овозможи осумгодишна техничка поддршка од ЕУ за граѓанските организации, сега продолжува поединечно во секоја држава во регионот. Комисијата одлучи да се децентрализира работата со цел да се направи што поширок опфат на организациите во земјата. Се надевам дека ова ќе биде место за граѓаните и граѓанските организации од овој регион да продолжат со општествените промени, кои верувам и натаму ќе придонесуваат за Македонија“, рече Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), на денешното отворање на Граѓанскиот ресурсен центар во Гостивар, со кој ќе раководи Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ). Пред присутните се обрати и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. „Ми претставува огромно задоволство кога има вакви иницијативи, а особено кога станува збор за граѓанскиот сектор. Нормално дека тој секогаш му помага на општеството и колку повеќе активности ќе превземе, толку помалку ни останува нам да сработиме. Драго ми е што еден од ресурсните центри се отвора токму во Гостивар “, рече тој. Лулзим Хазири, претседателот на АДИ, говореше за тоа што претставува овој ресурсен центар за самата организација и за градот Гостивар. „Општо познат факт е дека граѓанскиот сектор е посилен во главниот град. Преку отворање на вакви центри надвор од Скопје, ќе им се помогне и на останатите заедници рамноправно да учествуваат во општествениот развој. Ова ќе биде еден отворен простор за граѓанскиот сектор, каде ќе може да се одржуваат работилници, семинари, обуки, фокус групи и други настани“, рече тој. Пошироко за проектот и активностите кои ќе се спроведуваат говореше Валентина Атанасовска, раководител на ресурсните центри од МЦМС. Таа напомена дека Центарот ќе обезбеди простор за граѓанските организации од регионот кои се заинтересирани за покренување иницијативи. Покрај отворените центри во Скопје и Гостивар, ќе биде отворен ресурсен центар и во Штип, а преку мобилните центри ќе се обезбеди целосна географска покриеност на државата. Освен тоа, Центарот ќе пружи поддршка и лесен пристап до ресурсите потребни за нормално функционирање на ГО. За нив ќе се спроведат обуки, конференции, ќе им биде даванаредовна логистичка поддршка, ќе се доделат мали и партнерски грантови, ќе се подготват годишни извештаи за овозможувачка околина за ГО, ќе се воспостави биро за информирање и ресурсна веб страна. Граѓанскиот ресурсен центар е дел од програмата Национален ресурсен центар за граѓанските организации, спроведуван од МЦМС во партнерство со Медиа Плус од Штип и Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар, а е поддржан од Европската Унија.
|