Јавното мислење за изборниот процес |
Tuesday, 06 December 2016 16:24 | |||
Најбитно за мнозинството граѓани е работата, односно личниот животен стандард за што се изјасниле вкупно 53,8% од испитаниците (отворањето работни места, 28,3% и пораст на животниот стандард, 25,5%. На трето место е борбата против корупцијата и организираниот криминал (12,1%), односно, вкупно 14,9% заедно со кривичното гонење од СЈО. Ова го покажаа резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма „Јавното мислење за изборниот процес“. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (23,3%) има предност над опозициската коалиција предводена од СДСМ (19,4%) од 3,9 процентни поени. Во т.н. албански блок, предноста на ДУИ (6,6%) е речиси двојна, а ДПА (3,3%) и БЕСА (2,7%) се практично изедначени особено при споредбата по изборни единици. Изедначен е процентот на оние што сметаат дека изборите ќе донесат крај на политичката криза (42,7%) и оние кои не се согласуваат со тој став (42,9%). Оптимизмот е поголем кај гласачите на коалициите од „македонскиот блок“ (Коалиција ВМРО-ДПМНЕ – 57,6%, Коалиција СДСМ – 51,3%) наспроти кај гласачите на партиите од „албанскиот блок“ (ДУИ - 49,1% , ДПА – 34,8%). Иако големо мнозинство од 96,7% изјавиле дека не се жртви на притисок за гласање, сепак 17,3% познаваат некој врз кој е вршен притисок пред претстојните избори. Една четвртина од испитаниците имаат сомнежи во тајноста на гласањето, 24,8% сметат дека тајноста на гласањето и на гласачкото мести не е загарантирана, а 26,6 дека може да се дознае кој го заокружил гласачкото ливче. Мнозинство од испитаниците (68,5%) нема да гласаат за кандидати од друга етничка заедница, додека 20,7% се изјасниле позитивно. Телевизиите се медиумот преку кој граѓаните се информираат за изборната кампања. Така одговориле 71,1% од испитаниците. Телевизиските дуели меѓу лидерите и предводниците на кандидатските листи се многу значајни за половина од испитаниците (50%). За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 20 до 30 ноември 2016 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1800 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД. Преземи PDF од истражувањето „Јавното мислење за изборниот процес“.
|