Државното финансирање извор на одржливост на граѓанските организации |
Friday, 15 July 2016 14:11 | |||
Какви се практиките во државното финансирање во Словенија и Хрватска? Можат ли да се искористат за подобрување на државното финансирање во Македонија? Споредлива ли е висината на средствата што во овие земји се насочува кон граѓанскиот сектор со онаа во Македонија? Овие се дел од прашањата за кои се собираа искуства и се разговараше на студиската посета наречена „Најдобрите практики на државно финансирање за граѓанските организации во Словенија и Хрватска“ што ја организираа МЦМС и Центарот за невладини организации од Словенија од 3 до 6 јули 2016 година за претставници на државните институции и на граѓанските организации. Вкупно 11 учесници имаа можност да посетат различни државни институции и фондации и да се запознаат со системот и практиките на институциите во финансирањето на граѓанските организации. Во Словенија, беа организирани средби во Министерството за јавна администрација и Фондацијата на организации за луѓе со попреченост и хуманитарни организации. Кај Министерството особено интересна беше практиката на доделување грантови, поддршката на хоризонтални и тематски мрежи, а кај Фондацијата распределбата на средства од државната лотарија на Словенија за хуманитарни и инвалидски организации. Посетени беа и општина Љубљана и Министерството за труд, социјални работи и еднакви можности. Градоначалникот Зоран Јанковиќ ги поттикна државните службеници да размислуваат за приближување на двата сектори давајќи примери од градот Љубљана и начинот на кој тие доделуваат средства преку програми за социјална заштита и здравје и за децата и млади. Претставниците на Министерството нагласија дека во 2016 г. биле одвоени девет милиони евра за финансирање на 113 повеќегодишни програми. Учесниците се сретнаа и со претставници од Канцеларијата на Република Словенија за млади при Министерството за образование, наука и спорт, која што доделува буџетски средства за организациите за млади и младински политики секоја година во износ од 1.200.000 евра. Во Загреб, Хрватска, учесниците посетија две клучни институции за развој и поддршка на граѓанското општество, Канцеларијата за соработка со граѓански организации на Владата на Република Хрватска и Националната фондација за развој на граѓанското општество. Канцеларијата издвојува приближно 220 милиони евра годишно на јавен повик за програми и проекти од јавен интерес за организации. Опсегот на активности е широк и опфаќа: легислатива за граѓанскиот и непрофитниот сектор, следење на Стратегијата за овозможувачка околина, стандарди и препораки за финансирање на граѓанските организации од државниот буџет и други јавни средства, како и управување со пред-пристапни и структурални средства од ЕУ. Фондацијата пак, во периодот од 2004 до 2013 г. финансиски подржала 3969 граѓански организации со вкупен износ од 38.814.000 евра, преку приходите од игри на среќа и забавни игри во најголема мера и други извори. Студиската посета ги поттикна претставниците на институциите да се заложат за обезбедување поголема соработка и институционална поддршка за сите граѓански организации и за разгледување на можноста за државно финансирање за организации со статус од јавен интерес, постоечки форми на поддршка на локално ниво, и секако зголемување на висината на буџетските средства наменети за ГО. За претставниците од граѓанските организации пак клучно е создавањето платформа за реформирање на системот на државно финансирање за организациите во Македонија. Студиската посета беше дел од проектот „Кон реформирано државно финансирање на граѓанските организации“, кој што се го спроведуваат МЦМС и ЦНВОС од Словенија, а финансиски е поддржан од Европската Унија.
|