Градење на капацитетите на локалната самоуправа |
Професионализацијата на локалната самоуправа преку стекнување на нови знаења и вештини е императив за успешно спроведување на децентрализацијата и ефикасноста на локалната самоуправа. Институционалниот и управувачкиот капацитет се јавува како еден од најважните фактори во обезбедување долгорочен и одржлив развој на заедниците. Зајакнувањето на институционалниот и управувачкиот капацитет на општините преку инвестиција во развојот на човечките ресурси е еден од предусловите за ефективна и ефикасна локална самоуправа која ќе биде спремна да одговори на потребите и барањата на своите граѓани во брзо и навремено решавање на проблемите во заедниците. Општа цел на проектот беше подобрени услуги за граѓаните во заедниците. Цел на проектот беше подобрени организациски и институционални капацитети на руралните и други мали заедници за развојни иницијативи. Целна група на проектот беа граѓаните од општините: Долнени, Могила, Карбинци, Лозово, Старо Нагоричане, Сарај, Јегуновце, Желино, Чашка, Конче, Теарце, Велес и Прилеп. Целното подрачје ги опфати наведените општини. Постигнати резултати на проектот се: развиени знаења и вештини за пристап и управување со фондови и зајакнати човечки ресурси во локалните самоуправи за управување и раководење. Со проектот беа спроведени шест обуки и една работилница: обука за пристап до донаторите и изработка на апликации, обука за вовед во инструментот за прет-пристапна помош ИПА, обука за односи со јавноста, обука за раководење со човечки ресурси, обука за тимска работа и раководење со тим, обука за комуникациски вештини и решавање на конфликти, и работилница подготовка на заедниците за изработка на апликација за изготвување на ЛЕАП.Обуките се реализирани во согласност со планираното. Дел од општините опфатени со проектот не учествуваа на некои од обуките и работилниците. Од планираните 120 учесници на обуките и работилниците присуствуваа 100 учесници, од кои 61 беа мажи а 39 жени. Најголем број на учесници биле од фокус општините од: Конче (14), Долнени (11), Чашка (10), Прилеп (9), Лозово (8), Старо Нагоричане (8), Јегуновце (8), Теарце (8), Карбинци (7). Помал број на учесници на обуките имало од општините: Велес (4), Могила (4), Сарај (2). Единствена општина од фокус општините на програмата ЛРЗ чии претставници не присуствувале на обуките од овој проект е општина Желино. На обуките учествуваа и претставници од други општини и организации/НВО кои не се дел од фокус општините на програмата ЛРЗ а беа релевантни во однос на целната група на проектот. Општина Кратово (2) и ЗЕЛС (2), кои за учеството на обуките користеја делумна ступендија (во однос на 100% стипендија која можеа да ја користат фокус општините) и уплатија котизација за учество на обуките. На обуките учествуваа и тројца волонтери од МЦМС кои волонтираа во Одделението за Развој. Тие преку учеството на обуките имаа можност да се стекнат со дополнителни сознанија за состојбите во фокус општините на програмата ЛРЗ и руралниот развој. МЦМС имаше одговорност за управување на проектот, а заедно со општините имаа одговорност за негово спроведување. Временскиот период на спроведување беше 25 март – 24 декември 2008 година. Буџетот на проектот изнесува вкупно 696.440,00 МКД, во кои МЦМС учествува со 100% (директни трошоци).
|