Да се запре изборот на претставници во Советот за соработка на Владата со граѓанскиот сектор |
Monday, 06 June 2016 11:35 | |||
Вкупно 89 граѓански организации упатија јавна реакција до Владата на Република Македонија во која бараат да се да го запре процесот за избор на претставници од граѓанското општество во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор (Советот); да се направат измени и дополнувања на донесената Одлука за формирање на Советот и да се отвори консултативен процес со претставниците на граѓанските организации, во кој различните мислења и ставови за Советот ќе бидат земени предвид и усогласени согласно споредбените искуства и практики. Потписниците на изјавата сметаа дека тело како Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор треба да биде формирано врз база на заемна доверба и партнерство меѓу двата сектора. „Длабоко сме убедени дека пристапот на еднострано формирање на телото нема да ги даде посакуваните резултати и е спротивно од целта на неговото формирање“, се вели во изјавата и се додава дека не земањето предвид на овие укажувања ќе има за последица бојкотирање на изборот на претставници од граѓанското општество. Граѓанските организации имаат забелешки на процесот на подготовка и усвојување на Одлуката за основање на Советот; на мнозинската застапеност предвидена за државните институции во него, на нивото на државни службеници, на постапката и начинот за спроведување на изборот на членовите на Советот од редот на граѓанските организации, и на времето во кое е донесена Одлуката.
|