Дискриминација по основ на пол има, ама жените треба поактивно да се борат против неа |
Thursday, 17 October 2013 13:52 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) денес, 17 октомври 2013 г. (четврток) во х. Холидеј ин, Скопје, организираше дебата на тема „Дискриминација по основ на пол“. Во своето воведно обраќање, Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) зборуваше за актуелната состојба на жените во општеството. Во поглед на претставувањето на жените во институциите, таа истакна дека 34% од членовите на Собранието на РМ се жени, а Владата има две министерки. Во општинските совети жените се застапени со 26,8%. Во поглед на нивната економска состојба, Тодоровска истакна дека проблемот на невработеност повеќе ги погодува жените отколку мажите, па така, на крајот од 2012 година стапката на вработени жени била 39%, за разлика од 61% кај мажите. Надвор од тоа, само 4% од вработените жени се сопственички на бизнис, а само 11% примаат плата над просечната. Зборувајќи за жените од руралните средини, Тодоровска рече дека тие не можат да користат субвенции од државата бидејќи „само 2% од нив во руралните средини се сопственички на земјиште“, и додаде дека само 4% од жените имаат финансиска заштеда, а 5% се сопственички на станбен простор. Сепак, Тодоровска вели дека постои напредок но дека треба уште да се работи за подобрување на положбата на жената. Таа смета дека проблеми има во општествената свест за дискриминацијата по основ на пол, па и кај самите жени кај кои традиционалната улога е длабоко вкоренета. Воведни излагања имаше и Ленче Коцевска, член на Комисијата за заштита од дискриминација. Таа се осврна на улогата и на работата на Комисијата. Коцевска истакна дека во 2011 година биле поднесени 60 до Комисијата, а во 2012 година тој број пораснал на 75. Од нив, во 2011, три биле по основ на пол, а две по основ на род. Во 2012 биле поднесени вкупно пет претставки по основ на пол, а за изминатите девет месеци во 2013 година тој број е шест. Најголем број од претставките се за Скопје (44) и најчесто се поднесени против правни лица. Жените поретко се појавуваат како подносители на пријави. Во дискусијата која што се водеше потоа, беше констатирано дека дискриминацијата по основ на пол постои и дека е потребно барањето за промени и активностите да ги иницираат и водат самите жени. Целта на дебатата беше да се презентира моменталната состојба во Македонија, европските искуства и практиките на дискриминација по основ на пол. Настанот го фасилитираше Валентина Чичева од МЦМС. Дебатата е дел од проектот „Од норма до пракса за еднаквост“ што го спроведува МЦМС во партнерство со Полио плус – движење против хендикеп, Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за заштита од дискриминација. Проектот е поддржан финансиски од Европската Унија преку програмата Прогрес (2007-2013).
|