Втор неделен пресек: Изборите во медиумите |
Monday, 18 March 2013 17:22 | |||
Неделниот пресек на известувањето на медиумите на теми поврзани со Локалните избори 2013 е дел од проектот Мојот избор на МЦМС и ИДСЦС. Агрегирањето на информациите презентирани во него се прави во соработка со порталот Daily.mk. Презентираните податоци се собрани од 62 медиуми кои имаат свои он-лине изданија. Темите се поделени во пет категории: политички партии, општини (вкл. и градот Скопје), кандидати за градоначалници, теми релевантни за локалниот развој (согласно со законските надлежности на општините) и медиуми. Објавите се следат и анализираат на дневно ниво, со графички прикази за секој ден од кампањата и кумулативно. Минатата недела беше објавен првиот неделен пресек, а во продолжение следи вториот неделен пресек кој се однесува на периодот 11-17 март 2013 година. Во објавите во кои се спомнуваат политичките партии има мали разлики во однос на претходната недела. За 4 процентни поени е намалено учеството на ВМР-ДПМНЕ, а за 2 е зголемено тоа на СДСМ. Следат ДУИ и ДПА со 7% односно 4%. И кај двете има намалување за по 1 процентен поен. Уште една разлика во однос на претходната недела е замената на седмата најчесто спомнувана политичка партија, минатата недела тоа била Достоинство, оваа недела е ЛДП. За останатите политички партии остануваат 7% од вестите, што е зголемување за 5 процентни поени во однос на претходната недела. Ова претпоставува дека медиумите отстапиле повеќе простор на другите политички партии надвор од седумте најспомнувани. Во поглед на општините, седумте најчесто спомнувани се речиси половина од вкупниот број на објави поврзани со изборите (49%) и бележат зголемување во однос на претходната недела кога тој процент изнесувал 46%. Известувањето за Скопје е на исто ниво, додека пораснал интересот за Центар и сега изнесува 11%, наместо 7% од претходната недела. Расте интересот и за Куманово и Битола, оваа недела за разлика од претходната се појавуваат во првите седум за кои известуваат медиумите. За таа сметка, во првите седум, оваа недела ги нема Охрид и Струга. На најспомнуваните седум кандидати за градоначалници отпаѓаат 36% од објавите за разлика од минатата недела кога тие ’окупирале’ 45% од објавите. Ова секако е во прилог на информирањето за поголем број од кандидатите за градоначалници. Распоредот на првите три кандидати, иако со пониски проценти е ист како претходната недела. Андреј Петров (8%) и оваа недела е на прво место според објавите, веднаш до него со 7% е Коце Трајановски, а Јагнула Куновска има 5% од објавите. Од шестото место минатата недела на четврто оваа недела се искачил Јани Макрадули (4%), а Стевчо Јакимовски паднал на седмо место од четврто во претходната недела. Новото име во топ седум оваа недела е Владимир Тодоровиќ, на местото на Александар Петрески. Што се однесува до темите за кои известуваат медиумите, оваа недела се случија неколку измени: во топ седумте теми веќе не се ИКТ и социјална и детска заштита. За таа сметка, интересот пораснал за урбанистичкото планирање и за образованието. Првите три од претходната недела остануваат неприкосновени и оваа недела: комунални дејности (28%), транспарентност и отчетност (20%) и спорт и рекреација (16%). На крај, може да се види кои од медиумите најчесто известувале за темите поврзани со локалните избори. Првите седум, оваа недела имаат поголем дел од медиумскиот колач, 54% наспроти 48% претходната недела. А1Он се уште е водечка според тоа колку известува за локалните избори (12%), а на второ место оваа недела е Плус инфо (11%), наместо Сител телевизија (8%). На топ седумте, оваа недела им се придружи и Бриф, а на листата веќе не е Нет прес.
|