Прв неделен пресек: Изборите во медиумите |
Monday, 11 March 2013 00:00 | |||
Како дел од проектот Мојот избор на МЦМС и ИДСЦС, а во соработка со порталот Daily.mk една од активностите е и следење на објавите во електронските медиуми преку интернет. Објавите се следат во пет категории: политички партии, општини (вкл. и градот Скопје), кандидати за градоначалници, теми релевантни за локалниот развој (согласно со законските надлежности на општините) и медиуми кои се следат. Објавите се следат и анализираат на дневно ниво, со графички прикази за секој ден од кампањата и кумулативно, а до крајот на изборниот процес ќе се публикуваат и три неделни пресеци. Во продолжение е првиот од нив кој се однесува на периодот 04-10 март 2013 година. Во објавите каде што се споменуваат партиите, во првата недела од кампањата доминираат ВМРО-ДПМНЕ (46%) и СДСМ (33%), како најголеми парламентарни партии, но можеби и се уште под влијание на политичката криза која се разреши непосредно пред почетокот на кампањата (04.03) а во која тие две партии беа главни актери. Следат двете најголеми партии од блокот на етничките Албанци – ДУИ (8%) и ДПА (5%). Сите други партии се споменуваат во помалку од 2% од артиклите објавени по било која основа на интернет. Втората категорија – општините е доста поизбалансирана, претставено и преку тоа што повеќе од половината (54%) се објави за сите други општини надвор од најзастапените 7. Тука делумн се издвојува градот Скопје (14%), а со застапеност од 3 до 7% следат општините: Карпош, Центар, Охрид, Струмица, Струга и Кичево, што веројатно укажува на тоа каде ќе е најнеизвесен исход, односно два или повеќе кандидати влегуваат со слични шанси. Со оглед на тоа што се работи за локални избори, кандидатите за градоначалници се во голема мера застапени во вестите. И покрај доцната одлука за учество на изборите, неколку од кандидатите на СДСМ се меѓу најзастапените во објавите: Андреј Петров (10%), Зоран Заев, Јани Макрадули и Александар Петрески (по 5% сите). Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски и Јагнула Куновска се во првата тројка според објавите со 9, односно 6%. Листата на најчесто споменувани кандидати ја заокружува Стевчо Јакимовски (6%), а фактот што три од четирите најзастапени кандидати во вестите се кандидирани во општина Карпош, укажува дека исходот во таа општина се следи со најголем интерес. Во однос на темите кои доминираат, водечки се оние за комуналната инфраструктура (патишта, водоводи, канализација,...) со 23%, а очигледно често употребувани фрази се транспарентност и отчетност, кои се споменуваат во 22% од објавите. Конечно, прикажани се и медиумите кои се следат за да се добие сликата со објавите во горните четири графици. Со 10% застапеност во објавите, најактивен е порталот А1ОН, следен од Сител (8%) и Плус инфо и Курир со по 7%. И тука (како кај оштините) се отсликува шареноликоста на медиумскиот простор со тоа што повеќе од половината од објавите се во медиуми надвор од водечките 7.
|