Регионални партнерства за активно граѓанско општество и демократија |
Thursday, 31 January 2013 15:56 | |||
На 21 јануари 2013 година, во Брисел со организирање на конференција беше означен почетокот на спроведувањето на проектите финансирани од Европската Унија од програмата за Поддршка на граѓанско општество – поддршка на регионални мрежи. Станува збор за 18 проекти со вкупен буџет од 11,2 милиони евра во чие спроведување ќе учествуваат 172 организации, 133 од западен Балкан и Турција и 39 од земји членки на Европската Унија. Проектите имаат за цел создавање инклузивно граѓанско општество и демократија базирано на активно учество и владеењето на правото. На конференцијата, како претставник на МЦМС учествуваше Марија Саздевски. На конференцијата претставници на 172-те организации се запознаа со целите и очекувањата од партнерствата, ги идентификуваа можности и предизвиците во спроведувањето и пред се ја искористија можноста да воспостават меѓусебна соработка. Беа претставени сите 18 проекти поделени во три тематски области: 1. Животната средина, природните ресурси, енергија; 2. Добро владеење и одговорност и 3. Социјален развој, човековите права и помирување. Еден од избрани проекти е и „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во југоисточна Европа“ што ќе го спроведува Центарот за изучување на демократија (ЦИД) од Бугарија во партнерство со МЦМС и петнаесет други граѓански организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Турција. Проектот има за цел да придонесе кон динамично граѓанско општество во регионот, способно да учествува во јавна дебата и да влијае врз процесот на креирање политики и донесување одлуки во областите на антикорупцијата и доброто владеење. Проектот започна да се спроведува на 1 декември 2012 г. и ќе трае до декември 2014 г. Настанот беше искористен и за организирање иницијален состанок меѓу партнерите на проектот, на кој што се разгледаа стратегијата и акцискиот план на проектот и управувањето и координацијата меѓу ЦИД, како носител и партнерите. Исто така беше утврдено дека мрежата ќе биде продолжување на иницијативата South-East Europe Leadership for Development and Integrity (SELDI) започната 1998 г. од страна на ЦИД и International Development Law Organization.
|