Подготвени девет предлог проекти на организациите на Роми |
Monday, 19 March 2012 00:00 | |||
Петнаесет учесници од девет ромски организации на 15 и 16 март оваа година во МЦМС, учествуваа на работилница за подготовка на предлог проекти кои потоа беа поднесени до Одделението за соработка со невладини организации при Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија. „Работилницата беше од големо значење за нашата организација“, рече Самедин Кананоски од Баирска Светлина од Битола, „се надевам дека и во иднина, ќе имаме можност повторно да добиеме слични услуги за подготовка на проекти“, додаде тој. На работилницата, проектните идеи на организациите беа развиени во предлог проект, а им беа дадени и инструкции за комплетирање на целокупната документација потребна за аплицирање. Учесниците подготвија вкупно девет предлог проекти. „Поминавме процес на заедничко учење и работа. Крајната цел ни е да делуваме за подобрување на одредени општествени појави или потреби на Ромската заедница. Беше корисно и значајно за сите учесници во развојот и имплементацијата на вакви иницијативи - за вклучените организации кои добија поддршка, за МЦМС и ИнСоК како иницијатори на поддршката, а на крајот и за самите донатори кои ќе добијат јасни и разработени идеи, согласно идентификуваните потреби на Ромите“ рече Фатима Османовска од Ромскиот ресурсен центар од Скопје. Оваа иницијатива се реализираше во рамките на програмата Пристап на Ромите до фондови (ПРФ), финансиран од ОСИ Будимпешта, со која МЦМС придонесува кон градење на капацитетите на Ромите во Македонија за нивна одржлива општествена инклузија. Работилницата ја фацилитираа Валентина Чичева од МЦМС и Самет Скендери од Иницијатива за социјална промена (ИнСоК).
|