2005 – Кажи ОК за МК |
Thursday, 08 December 2011 19:15 | |||
МЦМС го направи првото сеопфатно истражување за граѓанското општество во Македонија „По 15 години транзиција – од стабилизација кон граѓанско учество“. Започна со јакнење на седум стратешки организации. МЦМС со две други организации ја подржа македонската кандидатура за членство за ЕУ со кампањата „Кажи ОК за МК“. Во декември Република Македонија се здоби со кандидатскиот статус за членство во Европската Унија. Во земјата се уште има „раст без вработувања“. Приближувањето кон ЕУ битно влијае на агендата, но и на достапните ресурси, посебно за граѓанското општество. За МЦМС и понатаму се намалува поддршката од Конзорциумот за Македонија. Зголемените активности и успехот во мобилизацијата на ресурси од други извори (главно ЕУ), помогнаа во диверзификација на поддршката на МЦМС. Во 2005 година, постоечките и новите партнерства се покажаа клучни за успехот. Во таа смисла, МЦМС го продолжи јакнењето на постоечките мрежи и продлабочувањето на соработката со партнерите, а изгради и нови успешни партнерства. Граѓанското општество во Македонија меѓу перцепцијата и реалноста Извештај на Индексот на граѓанското општество во Македонија е резултат на првото сеопфатно истражување за граѓанското општество во Македонија. „Извештајот може да ни помогне да видиме каде сме, што сме и каде понатаму“, рече Сашо Клековски. Тој обрна внимание на неколку наоди од Извештајот. Најголемиот успех во димензијата влијание, според него, е во делот на зајакнување на жените, а она што произлегува од Извештајот како загрижувачки податок е односот меѓу урбаните и руралните подрачја кој изнесува 10:1. „Мислам дека такви јазови мораме реално да ги погледнеме за да не се сопнеме и паднеме во нив, зашто ова е многу длабок јаз меѓу урбана и рурална Македонија. Сакам овој јаз да го нагласам можеби и намерно како многу битен во натамошните согледувања не само во структурата туку и севкупно како граѓанското општество треба да се подобри“ додаде Клековски. „Јас секогаш сметав дека сме престроги и прекритични во оценувањето и јас лично имам подобра перцепција на граѓанскиот сектор отколку што можеби понекогаш самите актери во просек имаат“, рече Лилјана Поповска, пратеник во Собранието на РМ. “Ако зборуваме за широчина на граѓански организации, за волонтерство, инфраструктрура, таа е подобра отколку што ние самите ја гледаме, или од она што ние сакаме да го имаме и мислам дека некогаш имаме поголеми желби отколку што објективно можеме да ги оцениме работите” додаде таа. Кажи ОК за МК “Кажи О.К. за МК” беше уште една можност за вклучување на граѓаните на Македонија во процесот на приближување на нивната земја кон Европската Унија. Истражувањето покажа дека дури 91,2% од граѓаните, сакаат да ја видат Македонија како дел од европското семејство, 56,3% од испитаните сметаат дека Македонија ги исполнува условите за влез во Унијата, 50,5% сметаат дека Владата прави многу или доволно за процесот на евроинтегрирање, а 40,2% мислат дека не се прави доволно.
Годишен извештај на МЦМС за 2005 година.
|