2006 – Кон застапување |
Friday, 09 December 2011 11:08 | |||
МЦМС ја започна програмата Институционален развој на граѓанското општество што значеше поместување од развој на капацитетите кон обезбедување на овозможувачки услови. Започната е серија истражувања. Во партиципативен процес е подготвена Стратегијата на Владата за соработка со Граѓанскиот сектор. МЦМС стана консултативен член во Економско-социјалниот совет на Обединетите нации. Годината ја одбележаа редовните парламентарни избори. Изборната трка го сврте вниманието од реформите и на крајот на годината Европската комисија имаше лоша оценка за прогресот и се одложи дефинирањето на датум за почеток на преговорите. Дополнително, се влоши и контекстот за граѓанските организации. Владата посветува малку внимание на финансиската поддршка на граѓанскиот сектор. Досегашната практика, која продолжи и во 2006 година, е буџетска помош од 15 милиони денари за околу 100 организации. Со повлекувањето на досегашните донатори, се намали и поддршката од меѓународните организации и фондови. МЦМС имаше една успешна апликација до ЕУ, а започна и спроведување на две програми одобрени од ЕУ кон крајот на 2005 година. Во текот на 2006 година беше подготвена предлог Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор. Во процесот на подготовка, покрај владиното Одделение за соработка со невладините организации, претставници на неколку министерства и државни институции и експертите, беа вклучен и голем број претставници на граѓанските организации од земјава. Се одржаа 6 консултативни работилници во Скопје, Струга, Гостивар, Струмица и Штип на кои учествуваа 316 претставници од 268 граѓански организации. За персоналот на Одделението и други службеници од релевантните владини институции беа организирани и две студиски посети во Унгарија и Данска. Работата, лек за минатото МЦМС спроведе активности за ресоцијализација на учесниците во воените активности (поранешните борци) во конфликтот во Македонија од 2001 година, од двете страни. “По конфликтот во 2001 година, останав инвалид и имав три операции на ногата. Ми беше многу тешко на најдам некоја работа, дури и кај мои блиски. Завршив средно, но поради тешката економската состојба во семејството не се запишав на факултет”, вака почнува приказната на Абдурахман Рамани од Тетово, член на Здружението на ветераните на ОНА. Тој и уште неколку членови од здружението учествуваа на обуката низ работа, организирана од МЦМС, која се спроведе во фабриката за мебел „Хелга компани”, во Тетово. „Секој почеток е тежок, но човек се навикнува. Откако ја завршивме обуката, мене ме распоредија во продажниот салон. Се трудам што подобро да ги презентирам производите“ вели Рамани. Многу сум задоволен од работата, добивам плата и сите придонеси ми се платени. Се надевам дека во иднина ќе се организираат исти или слични проекти повторно”, вели Абдурахим. „Првиот контакт со МЦМС го остваривме уште во 2001 година, кога ни дадоа техничка помош за здружението“, раскажува Ацо Стојановски, претседател на здружението на бранителите на Македонија и поранешен учесник во конфликтот. „Кога ја добивме понудата за програмата, имаше отпор. Некои од членовите на Здружението не сакаа да бидат заедно во програмата со припадниците на ОНА, бидејќи за време на конфликтот бевме едни против други. Обуката беше како едно светло на крајот на тунелот. Тоа ги натера луѓето полека да се вратат во живот. Ова можеше да се направи и порано”, вели Стојановски.
Годишен извештај на МЦМС за 2006 година.
|