2004 – Don't you FYROM me и Меѓутоа |
Wednesday, 07 December 2011 13:18 | |||
МЦМС и многу други организации ја започнаа кампањата „Кажи Македонија“ (Don't you FYROM me). Во партнерство со ЗНМ и пет весници се промовираат различните гледишта на известувањето за меѓуетничките односи. Соработката се капитализираше со формирањето на Граѓанската платформа на Македонија. Започнаа разменските посети меѓу православниот и исламскиот теолошки факултет. Годината ќе остане запаметена по големата загуба што и се случи на Македонија кога трагично ги изгуби претседателот Борис Трајковски. МЦМС во претседателот Борис Трајковски загуби долгогодишен поддржувач и пријател. Кажи Македонија Кампањата ја иницираа повеќе граѓански организации како реакција на уредбата на Советот на Европа со која Македонците беа преименувани во „славомакедонци”. Во викенд-изданијата на дневните весници Дневник, Утрински весник и Вест, на 20 март, беа инсертирани „честитки” протестна содржина, со можност за избор директно да се адресираат до Советот на Европа или до Канцеларијата на Советот на Европа во Македонија. Од 24 март во центарот на Скопје започна акцијата за јавно испраќање на разгледниците и јавно потпишување на протестното писмо. Од 29 март акцијата се прошири и во целата земја. “Ние сме Македонци, сме се родиле во Македонија и зборуваме македонски. Тоа е нашата порака до Стразбур. Се надевам дека на оваа идеја ќе ви се приклучат и уште волонтери”, беа зборовите на граѓаните Ивица Најдовски и Сандра Петровска упатени до Стразбур. Беше упатено и отворено протестно писмо, во кое се бара повлекувње на уредбата и почитување на основниот принцип на Советот на Европа. “Ниту меѓународното право, ниту етиката, не & дава за право на некоја организација или на друг субјект во рамките на меѓународната заедница да одлучува за идентитетот и потеклото на една нација”..., меѓу другото, се истакнуваше во протестното писмо. Подобро запознавање на другите религии Деканите на Факултетот за исламски науки и на Богословскиот факултет разменија предавања, а возвратни посети остварија и студентите на двата факултета. Исмаил Бардхи, деканот на Факултетот за исламски науки, за првпат одржа предавање на Богословскиот факултет на темата „Куранска егзегеза”. „За многумина ова е нешто ново, но тоа е добар начин подобро да се запознаеме со другите религии, што е добро и за подобар соживот во Македонија. Кај што има дијалог, таму има место за разбирање”, рече деканот на Богословскиот факултет, Јован Таковски. Возвратното предавање се одржа на Факултетот за исламски науки. Предавањето на деканот Таковски предизвика голем интерес од страна на студентите на овој факултет. „Ова е позитивен чекор за двете заедници. Иако времето беше кратко, сепак успеавме да му поставиме доста прашања на деканот на Богословскиот факултет. Имаше голем интерес од наша страна да слушнеме повеќе. Сосем поинаку е кога за одредена тема слушаш од нашите професори и од компетенти лица од таа сфера и обратно”, ни рече Зухри Весели, студент на Факултетот за исламски науки.
Годишен извештај на МЦМС за 2004 година.
|