А1: Македонија не може да се справи со корупцијата на изборниот процес - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

А1: Македонија не може да се справи со корупцијата на изборниот процес PDF Print E-mail
Thursday, 22 June 2006 01:00

Никој не знае од каде им се парите, но по доаѓањето на власт тие го враќаат долгот. Многу е опасно што граѓаните се помирени со ваквиот циклус и за жал, го прифаќаат како нешто многу нормално, заклучија учесниците на денешната трибина „Изборите како извор на корупција“.

„Во предизборните кампањи секогаш почнува нов циклус на корупција - понирачка. Се формираат нови релации со бизнис олигархијата и анонимни донатори, а постоечките врски од овој тип продолжуваат и по изборниот процес“, рече Габриела Коневска, претседател на Транспарентност Македонија.

Според неа, во редовните сметки за работењето на сите политички партии има недоследности.

„Сметката на ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време е блокирана и покажува минимални средства, но од друга страна, партијата води кампања за која се трошат огромни пари. Истото се случува и со СДСМ“, посочи Коневска.

Таа напомена и дека, согласно последните информации од медиумите телевизиската презентација на политичките партии за една секунда чини 60 до 150 евра.

Професорот Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет напомена дека корупцијата почнува и завршува со ментална корупција.
„Македонските граѓани гледаат дека ова што се случува не е во ред, но го прифаќаат и тоа е најстрашно. Се помиривме со нешто што не е нормално ниту е воопшто некаде стандард“, рече Кекеновски.

Се заборава, додаде тој, дека освен парите постојат и принципи. Кекеновски оцени дека она што моментно се случува кај нас во однос на финансирањето на изборниот процес е деструктивно.

„Со ваков систем не може да има радикални реформи бидејќи тој природно води кон растурање на сите институции. Оттука е нормално и финансирањето да биде нетранспарентно. За граѓаните и фирмите изборите се како панаѓур или берза“, истакна Кекеновски.

Тој смета дека единствено решение за излез од ваквата состојба е создавањето конкурентна економија отворена за странски компании.

За професорот Миодраг Лабовиќ од Полициската академија во Скопје основен проблем во Македонија е што не се испитува потеклото на имотот.

„Изборите на пари што ги користат политичките партии е непознат. Ако повторно нечесни, криминални пари ги финансираат партиите, како тие ако дојдат на власт ќе се соочат со корупцијата“, праша Лабовиќ, додавајќи дека изминативе 15 години се случува изборна измама.

Во програмите на политичките партии, рече Лабовиќ, има само декларативни заложби, а не вистински решенија што би се реализирале во практиката.

Претседателот на Антикорупциската комисија Михајло Маневски нагласи дека овие избори нема да бидат како претходните бидејќи институциите се подготвени објективно да го следат финансирањето на кампањата.

„Комисијата секој ден ги следи средствата што се трошат за изборната кампања. Преземаме се што е во наша надлежност за пообјективно да утврдиме како се трошат парите“, рече Маневски.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини рече дека е трагично што во годинашната изборна трка учесниците се познати. - Нови субјекти за жал нема и тие што формираа нови партии се одвоија од постоечките, рече Хајредини.

Учесниците на трибината заеднички оценија дека има дупка во Изборниот законик што овозможува злоупотреба.

Трибината што ја организираа невладините организации Транспарентност Македонија, ОХО и МЦМС е дел од проектот Македонија не смее да ги изгуби овие избори, поддржан од американската Амбасада.

Извор: А1 (22.06.2006)

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity MCIC in the Media А1: Македонија не може да се справи со корупцијата на изборниот процес