Борбата за името ги сплоти граѓаните и политичарите - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Борбата за името ги сплоти граѓаните и политичарите PDF Print E-mail
Thursday, 08 April 2004 01:00

Македонската делегација во парламентарното собрание на Советот на Европа и граѓанскиот сектор заеднички ќе го убедуваат светот Македонија да ја нарекува со уставното име, а не со референцата ФИРОМ.

Во таа насока по претседателските избори ќе продолжи акцијата „Кажи: Македонија!“, во која граѓаните искажаа незадоволство од директивата со која Советот на Европа ги нарекува „словенски“ македонскиот народ, јазик и култура.

Организаторите на кампањата за две недели дистрибуирале 210.000 картички и 100.000 налепници со пораки „Не ме фиромирај“. На протестното писмо се потпишале 50.000 граѓани.

- Акцијата постигна голем успех. Не поддржаа сите граѓани, без разлика на националната, верската или партиската припадност - рече Сашо Клекоски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Владимир Милчин од фондацијата „Отворено општество“ порача дека сега е момент Македонија да се интегрира во Европа и во светот.

- Мора да испратиме порака дека употребата на референцата ФИРОМ ја враќа земјава во минатото. Ние сакаме да одиме кон иднината - рече Милчин.

Кон крајот на април ќе заседава Парламентарното собрание на Советот на Европа. Македонската делегација тогаш ќе го однесе во Стразбур протестното писмо и дел од собраните картички со пораки од граѓаните. Елеонора Петреска-Митевска, претседателка на македонската делегација, очекува на наредната сесија на Парламентарното собрание европските парламентарци в рака да ги држат пораките од Македонија.

Организаторите најавија дека по изборите ќе договорат конкретни чекори како ќе продолжи акцијата „Кажи: Македонија!“. Тие велат дека нема да се откажат додека Советот на Европа не докаже дека спорниот документ не е во употреба и додека не го казни службеникот што го потпишал.

С. С.

Извор: Време (8.април.2004)

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity MCIC in the Media Борбата за името ги сплоти граѓаните и политичарите