Расте недовербата и нетолерантноста кон различни групи |
E mërkurë, 26 nëntor 2008 11:28 | |||
[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка по трет пат ја истражуваше општата доверба, довербата во институциите и довербата во граѓанското општество. Во ова соопштение ви го презентираме вториот дел од истражувачкиот извештај кој се однесува на (не)толеранцијата кон одредени групи луѓе. Истражувањето покажа дека во Македонија е во пораст недовербата и нетолерантноста кон различни групи. Во однос на претходната година за сите групи, освен за лицата зависни од алкохол и за жртвите на насилство, резултатите покажуваат зголемена нетолерантност. Големо мнозинство од испитаниците не сакаат соседи кои се зависници од дрога (93,1%), зависници од алкохол (85%), лица заболени од сида (84,7%) и хомосексуалци (83,1%). Мнозинството не ги сакаат за соседи жртвите на насилство (58,6%) и Ромите (52,6), додека малцинство не сакаат да живеат покрај имигранти/странски работници (36,5%). Мало малцинство од испитаниците не сакаат соседи да им бидат луѓе од друга вера (30,6%), луѓе од друга етничка припадност (30,2% и невенчани парови кои живеат заедно (28,2%). Разликата меѓу друга етничка припадност и Ромите е на истото ниво како и претходната година што укажува дека поголемата стигматизација кај Ромите сеуште е присутна. Споредено со претходната година, нетолеранцијата кон сите групи освен кај луѓето зависни од алкохол и кај жртвите на насилство е во пораст. Бројот на оние што не секаат соседи од друга етничка припадност се зголемил за 4,3% (од 25,9% на 30,2%), кај оние што не сакаат соседи од друга вера за 3,4% (од 27,2% на 30,6%) , а најголемо зголемување има кај оние што не ги сакаат за соседи имигрантите/странските работници – 18,8% (од 17,7% во 2007 на 36,5% во 2008 година). За сите групи, освен за лицата зависни од дроги постојат социодемографски разлики. Повеќе информации за истражувањето можете да добиете тука или во МЦМС кај Гонце Јаковлеска (02) 3065 381 (локал 142) или на 070/252 081. Прв дел од истражувачкиот извештај .
|