Младите од Велес и Чашка активно ги кршат предрасудите и стереотипите |
E mërkurë, 24 janar 2024 17:06 | |||
Со проектот „Да си подадеме рака“, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес влијаеше на младите да станат лидери и општествено одговорни граѓани во нивните локални заедници. Тие се клучните двигатели на промени за создавање слободно и инклузивно општество. Нивното активно учество придонесува за промоцијата на слободата на изразување, заштитата на човековите права, социјалната инклузија и борбата против дискриминацијата. За жал, денес, младите се оддалечени од општествените текови, а образовниот систем не ги подготвува да бидат активно вклучени. Проектот обезбеди простор за младите од општините Велес и Чашка да се борат за своето место во општеството и постојано да ги развиваат социјалните вештини за превенција и заштита од дискриминација. Тие научија како слободно да застанат против дискриминацијата, без предрасуди и стереотипи да ги изразат своите мисли и потреби и на тој начин да допрат до разни засегнати страни, но и до целата јавност. Во проектот беа вклучени 20 извидници од Сојузот на извидници на Македонија и 50 млади од општините Чашка и Велес. Тие се учеа за важноста на борбата со дискриминацијата, придобивките од еднаквоста за целото општество и зајакнувањето на довербата во механизмите за заштита од дискриминација. Преку организирање на два младински кампа (секој со траење од по 3 дена) во извидничкиот центар „Голозинци“ во истоименото село во Општина Чашка, младите работеа на креирање на различни документи (содржини) во вид на упатства за планирање и реализирање младински активности за борба со предрасудите и стереотипите. Младинските кампови беа водени од искусни инструктори според програмата „woodbage“ на Светската организација на извидничкото движење. Сесиите на камповите се реализираа на интерактивен начин преку проекција на видео материјали и анализирање на фотографии, анализирање на текстови, групна и индивидуална работа и општа дискусија. Овој пристап овозможи младите да ги развијат следните вештини: самите да бидат едукатори, способност да направат избор на квалитетни содржини за борба против дискриминација и да ги проценат последиците предизвикани од дискриминацијата, разбирање на концептот заснован на човекови права и важноста на загарантираните права и слободи за успешна борба против дискриминацијата. „Нашиот одред има клучна улога во креирањето на антидискриминаторска средина во општините Велес и Чашка. Сакаме да имаме улога во претставувањето и одбраната на лицата што се дискриминирани, како и во подигнувањето на свеста на жртвите и на потенцијалните жртви на дискриминација, кои многу често не се запознаени со нивните права, но и на пошироката јавност“ изјави Ангела Митрева учесничка на еден од младинските кампови. Со овој проект успеавме да го надградиме неформалното образование на младите кое го спроведува Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ на теми поврзани со недискриминација, еднаквост и човекови права. Дополнително, со промоцијата на овој проект беа поттикнати институциите од локалната самоуправа да организираат и да спроведат младински проекти за надминување на дискриминацијата и подготовка на акциски план за решавање на проблемот со дискриминацијата на младите од маргинализираните заедници. Најважно е дека обучените млади во иднина ќе придонесат во понатамошното образование на новите генерации со кои ќе се формира критична маса на граѓани со подобрена самосвест и доверба за борба против дискриминацијата и вклучување на изолираните групи на граѓани во општествените текови.
|