„Во основа на делата од омраза е дискриминацијата“ |
E hënë, 18 qershor 2018 15:00 | |||
„Казнивоста на делата од омраза“ беше темата на ад хок форумот на Цивика мобилитас на кој, меѓу другото, беше промовирана и публикацијата „Срдба и казна“ на Александар Маркоски, еден од стипендистите на програмата. Личен бил мотивот на Александар Маркоски, авторот на публикацијата „Срдба и казна“, да се посвети на овие кривични дела. „Растев во Чаир и постојано се прашував од каде сите овие поделби и од каде таа омраза“, рече тој. Според него, генезата на овие однесувања е во семејството. Маркоски зборуваше за анимозитетот, агресијата и виктимизацијата како елементи на делата од омраза. „Во историјата на човештвото, верската омраза била најдеструктивна“, смета Маркоски. Тој се осврна и на говорот на омраза, особено на тешкотиите во поставувањето на границата меѓу него и слободата на изразување. Клучот за справувањето со овие дела, според авторот Маркоски, е во превенцијата. „Делата од омраза добиваат повеќе на значење во последните неколку децении“, рече во своето обраќање Александар Чавлески, рецензент на публикацијата. Тој додаде дека во позадина на овие дела е дискриминацијата, а како ќе бидат процесуирани зависи од личните предрасуди на обвинителот. „Авторот“, рече Чавлески, „оди и чекор понатаму и во публикацијата дава психолошки профил на сторителот на ваквите дела“. Тој апелираше за зголемување на свесноста за радикализацијата која се случува во светот, а која, особено преку терористичките напади веќе предизвикала измени во легислативата. „Над 400 инциденти на злосторство од омраза регистрираше Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) во последните пет години, а 70 во 2017 година.“, рече Хајди Штерјова Симоновиќ – проектен координатор во оваа организација. Според неа, во последната година најчести се политичките и етничките инциденти. „Голем дел од инцидентите остануваат не документирани, а уште поголем не процесуирани“, додаде таа. Според Извештајот на ХКЧП, најголем дел од овие инциденти се дела против животот и имотот, а сторителите и жртвите се млади или малолетници. Општините Центар и Гази Баба во Скопје се на врвот на листата на општини каде се случиле најголем број од делата. Андреј Божиновски, правен советник во Здружението за кривично право и криминологија на Македонија се осврна на недореченостите во кривичниот закон за делата од омраза како и на фактот дека тешко е да се докаже мотивот на сторителот. Според него, на жртвите на делата од омраза им се случува и секундарна виктимизација, особено ако се припадници на ЛГБТИ заедницата. Ад хок форумот се одржа на 14 јуни 2018 година во Младинскиот културен центар во Скопје. Кратки воведни обраќања на Форумот имаа и Питер Тоинес, меѓународен водач на тимот на Цивика Мобилитас и Горјан Лазаревски, директор на издавачката куќа „Авант прес“ која го поддржа издавањето на публикацијата. Ад хок форумот понуди простор за дискусија на публиката составена од претставници на граѓанските организации, адвокатите, обвинителите и академската заедница.
|