Продолжуваат промените преку грантовите на Цивика мобилитас |
![]() |
![]() |
![]() |
E martë, 01 prill 2025 11:26 | |
На самиот почеток од 2025 година, Цивика мобилитас забележа значајни резултати постигнати преку активностите на граѓанските организации. Во три нови приказни, ги прикажавме конкретните општествени промени што произлегоа од проектите на грантистите, поддржани од Владата на Швајцарија. Првата приказна ја посветивме на Центарот за младински активизам КРИК и нивните иновативни пристапи кон одржливоста. На работилницата на Цивика мобилитас „Добри практики за одржливост на граѓанските организации“, КРИК го сподели своето искуство за финансиска стабилност и градење силни врски со заедницата. Организацијата веќе 12 години работи со млади и ранливи групи, промовирајќи инклузија, младински активизам и независно живеење за лицата со попреченост. Особено се истакна нивната кампања за Инклузивните летни кампови, каде донациите се наградуваат со рачно изработен накит или уметнички фотографии од корисниците на КРИК – што креира лична врска меѓу поддржувачите и заедницата. Исто така, преку истражувања и директна комуникација, КРИК гради партнерства со социјално одговорни компании и ја развива својата социјална економија преку претпријатието „Принт колектив“. Прочитај ја целата приказна „Градете силни врски со заедницата!“ Кон крајот на февруари ја објавивме втората приказна поврзана со младите од Пелагонискиот регион и промените постигнати со поддршка од Цивика мобилитас. Намалувањето на бројот на млади во земјава е алармантно – околу 77.000 млади ја напуштиле Македонија помеѓу двата пописи. За да се спречи оваа негативна тенденција, девет општини и девет граѓански организации, предводени од здружението ПроЛокал од Битола, се здружија и ја формираа Регионалната платформа за млади, со поддршка од Швајцарската влада преку Цивика мобилитас. Оваа платформа овозможи директно учество на младите во мапирање на проблеми и креирање на решенија во три приоритетни области: локален економски развој, животна средина и здравствена и противпожарна заштита. Една од највлијателните иницијативи е создавањето на Меѓуопштинско онлајн советувалиште за ментално здравје, достапно 24/7 со ангажман на лиценцирани психолози – поддржано финансиски од сите општини. Во областа на екологијата, започнати се пилот проекти за управување со отпад, циркуларна економија и теренски еко акции. Платформата веќе ги покажа првите резултати: зголемена вклученост на младите, нивно активно учество во локални политики, и конкретни, координирани активности со општините. Оваа иницијатива покажува дека системот може да се менува одвнатре, кога младите се вклучени и поддржани. Прочитај ја целата приказна „Промените се видливи кога системот се менува одвнатре“ По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, ја објавивме и следната приказна, посветена на борбата на текстилните работнички која, и по 168 години, не престанува. Разговаравме со Кристина Ампева, претседателка на здружението „Гласен текстилец“, кое активно се бори за правата на текстилните работнички во Македонија, особено во Источниот регион. Здружението веќе девет години гласно се залага за подобри услови за работа, повисоки плати и поголема заштита на жените вработени во текстилната индустрија. Од првите јавно изнесени сведоштва за мобинг, дискриминација и плати под минималната, до денешните резултати – како зголемена минимална плата и воведена неработна недела – „Гласен текстилец“ покажува дека упорната борба носи вистински промени. Во 2024 година беше формиран и „Гласен синдикат“, кој за само една година брои 300 членови и веќе постигна договори за подобри услови во дел од фирмите каде што има мнозинство. Овие успеси се значаен чекор кон заштита на работничките права и подигање на свеста кај работниците за нивната вредност и улога во општеството. Со поддршка од Цивика мобилитас, во партнерство со ЕХО и ИНИ, здружението спроведува проект во Штип, Делчево и Виница, со кој се јакне улогата на жените во локалните заедници. Жените се вклучуваат во процесите на идентификување локлани проблеми, во застапувањето пред институциите и во носењето одлуки – со цел нивниот глас конечно да се слушне и уважи. Споделените приказни се доказ дека граѓанскиот активизам, кога е поддржан и насочен, има моќ да донесе вистински промени во заедницата.
|