Премиерот Заев се соочи со граѓанските организации |
E premte, 01 qershor 2018 08:58 | |||
„Активно учествувавте сите во реформските промени со коишто ја поставивме и ја движиме Македонија стабилно на патот кон Европската Унија и НАТО. Вашето теренско искуство, долгогодишната работа, анализите за клучните состојби во државата се од директен интерес за граѓаните на Република Македонија и помогнаа кога го создававме реформскиот план 3-6-9“, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на вчерашниот тематски форум на Цивика мобилитас „Една година Влада- осврт на граѓанските организации“. Во структурирана расправа, повеќе од 100 претставници на граѓанските организации имаа можност да упатат прашања поврзани со нивното работење, да ги коментираат досегашните постигнувања како и да ги изразат нивните очекувања. Меѓу првите прашања беше и она кое се однесуваше на финансирањето на граѓанските организации. „Многу е важно кои ќе бидат алатките за распределбата на парите. Верувам дека треба да определиме буџет и да го алоцираме, и нашата работа да застане тука. Добрите меѓународни пракси вие треба да ни ги предочите за да можеме да ги канализираме тие буџетски средства во некоја фондација, каде на транспарентен начин ќе одлучувате вие за нивната распределба“, рече премиерот Заев. Зборувајќи за подготвеноста на Владата за идните преговори со ЕУ, премиерот истакна дека планираат да го вклучат граѓанското општество во преговарачките тимови за секое од поглавјата. Во врска со мерките за борба против корупцијата, премиерот изјави дека новата антикорупциска комисија ќе биде воспоставена на основа на новиот закон што е во подготовка. Според него, во Комисијата не треба да има политичари, туку независни интелектуалци и експерти од граѓанскиот сектор. „Јас сум доволно внимателен да не ги исполитизирам луѓето во мојот кабинет, затоа што треба да ја завршиме работата и потоа да се вратиме од каде што сме дојдени. Во таа смисла сметам дека не правам штети на граѓанскиот сектор“, се изјасни Заев на прашањето за ангажирањето на граѓанските активисти во Владата. Премиерот зборуваше и за правото на децата на чист воздух. „Повеќето мерки што ги преземавме се на среднорочен, односно долгорочен план и резултатите од нив допрва ќе дојдат. Но, презедовме и краткорочни мерки тогаш кога беше најкритична ситуацијата“, рече тој. На лицата со попреченост и на Ромите им порача да аплицираат за позиции во управните, регулторните тела и Владата, како решение за нивното ниско учество во овие институции. За родовото одговорно буџетирање тој истакна дека веќе при првиот ребаланс ќе се знае дали е применето, и дека тој лично ќе инсистира на тие проверки. Според него, Владата нема поддршка ниту разбирање од останатите партнери и политички партии по прашањето за значителната родова нееднаквост во Владата а и во Собранието. „Медиумски пазарења нема да постојат, а ќе има соодветна поддршка за пишаните медиуми и МРТВ како јавен сервис“, вети премиерот Заев. Тој додаде дека реформите на медиумското законодавство се заглавени во Собранието. Во втората сесија Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, одговараше на прашањата на граѓанските организаии поврзани со превработеноста на администрацијата, блокираните сметки на општините, несоодветните кадри кои се поставени во казнено поправниот дом Идризово и фондовите на ЕУ кои треба да одат преку Владата.
|