Објавен осмиот квартален извештај „Огледало на Владата“ |
E hënë, 25 janar 2016 16:35 | |||
МЦМС го објави осмиот квартален извештај „Огледало на Владата“ во кој се следи и анализира Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР – www.ener.gov.mk) за периодот од 1 октомври до 31 декември 2015 година. Со извештајот се констатира дека минималниот рок за консултации од 10 дена за предлог законите објавени на ЕНЕР делумно се почитува. Кај три од вкупно 12 предлог-закони кои беа утврдени на седница на Владата се забележани отстапки. Станува збор за Предлог-законот за пробација и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за договорен залог предложени од Министерството за правда и Предлог-законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патишатата предложен од Министерството за внатрешни работи. Овие две министерства воопшто не го објавиле текстот на нацрт-законот со што, практично не и овозможиле на јавноста да ја коментира содржината. Покрај ова, реткост е и објавувањето на текстовите на предлог-законите и предлог-извештаите за Проценка на влијанието на регулативата. Објавувањето на овие два документи би и овозможил на јавноста подобар увид во целиот проес на подготовка на предлог-законите. Исто така, проблем е и неусогласеноста на веб страницата на ЕНЕР со фактичката ситуација. Во последниот квартал од 2015 година, од осум предлог-закони за кои е објавено дека е почната подготовката, три биле утврдени на седница на Владата, што значи дека завршила можноста за нивно коментирање, а на ЕНЕР се уште останале отворени за консултации. За жал, граѓаните не го користат, или минимално го користат ЕНЕР за да ги кажат своите мислења за предлог-законските решенија во рана фаза на подготовка. Од осумте предлог-закони објавени во последниот квартал од 2015 г., заклучно со 13.01.2016 г., беа коментирани два предлог-закони на кои беа оставени вкупно три коментари. Беа коментирани Предлог-законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, предложен од Министерството за внатрешни работи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за шумите, предложен од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Овие две министерства дадоа два повратни одговори на коментарите. Извештајот е дел од активностите за следење на отвореноста на процесите на подготовка на закони во рамките на проектот „Огледало на Владата“ кој е дел од Програмата на УСАИД за антикорупција. Покрај кварталните извештаи, МЦМС во рамките на проектот „Огледало на Владата“ редовно издава и неделни и месечни прегледи. Целта е да се подобри информираноста на граѓаните и граѓанските организации и да се поттикнат да учествуваат во раните фази на подготовката на законите. Покрај тоа, оваа анализа дава поглед на практиките на министерствата во објавување, ажурирање и давање повратни одговори на јавноста за предлог-законите објавени на ЕНЕР.
|