Преку обука низ работа до нови вештини |
E premte, 30 gusht 2013 09:30 | |||
Четиринаесет жени од Ростуше, Јанче, Требиште, Слупчане, Оризаре и Ваксинце, во август оваа година, започнаа со обука низ работа преку која ќе стекнат вештини за работа во угостителството и трговијата. За Алмедина од Јанче ова е прво работно искуство. Вели дека првите неколку дена ѝ биле тешки, дури размислувала да се откаже, но како поминувале деновите, станувало сѐ поинтересно. Почнала да се интересира и за другите дејности на претпријатието во кое е ангажирана и секој ден сè повеќе учела. Благодарение на ова искуство, таа е заинтересирана и подготвена да учествува и на други курсеви и обуки. Во јули започнаа ангажманите на жените од тетовските и скопските општини, а во следниот период уште 80 жени кориснички на програмата „Оспособување на жените погодени од конфликтот“ (ОЖП) ќе бидат ангажирани во локалните претпријатија на подрачјето на седумте општини во кои се спроведува програмата. Обуката низ работа трае три месеци. Жените и претпријатијата беа идентификувани пролетта преку студијата за потребата и понудата на работна сила. Приоритет имаат жените од семејствата погодени од конфликтот или пак кои се во понеповолна социјална положба. ОЖП е финансиран проект од Европската Унија во рамките на 4-та компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), а ко-финансиран од МЦМС, кој се спроведува во партнерство со Флоренс Најтингел од Куманово, Инцијатива за европска перспектива од Скопје и Рекански бисер од Маврово и Ростуша. Целта на ОЖП е поддршка на пристапот на жените од регионите погодени од конфликтот до пазарот на трудот.
|