Органите на државната управа подготвени ќе ја дочекаат својата слика во „Огледалото“ |
E hënë, 18 qershor 2012 11:30 | |||
Работилницата за методологијата за следење на отвореноста на органите на државната управа во подготовка на законите се одржа на 13 јуни 2012 г. во Скопје, во организација на МЦМС. Учествуваа претставници на институциите кои ќе бидат вклучени во пополнувањето на вториот прашалник за следење на вклученоста на јавноста во подготовката на законите. Петнаесет претставници на 13 државни институции на почетокот се запознаа со целите, резултатите и активностите на проектот „Огледало на Владата“. Тина Дивјак, експерт од ЦНВОС од Словенија ја потенцираше важноста на следењето на отвореноста на институциите и ги претстави резултатите и искуствата од повеќегодишното спроведување на методологијата во Словенија. Во вториот дел од работилницата, Емина Нурединоска и Марија Саздевски од МЦМС, ги претставија индикаторите за следење на вклучувањето на јавноста во подготовката на законите. Учесниците ги дадоа своите предлози и коментари за прилагодување на прашалникот на контекстот во Македонија, што ќе го олеснипополнувањето на прашалникот од страна на институциите. Проектот „Огледало на Владата: учество на јавноста во процесите на подготовка на закони” е поддржан од Европската Унија од инструментот за човекови права и демократијата (ЕИДХР). Целта на проектот е да се зголеми соработка на граѓанските организации со органите на државната управа во процесите на креирање политики и подготовка на закони. Проектот се спроведува во партнерство со ЦНВОС од Љубљана и Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).
|