Граѓански дијалог за сите - Qendra Maqedonase për Bashkëpunim Ndërkombëtar

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓански дијалог за сите PDF Shtyp Shpërndaje me Postë Elektronike
E hënë, 18 korrik 2011 11:40

На 13 јули 2011 година, во хотелот Холидеј ин во Скопје МЦМС ја одржа меѓународната конференција „Граѓански дијалог на локално ниво". Целта на конференцијата беше да се согледаат регионалните и домашните искуства за соработка меѓу властите и граѓанските организации на локално ниво, и да се предложи модел за поефикасна соработка и одржлив граѓански сектор на локално ниво.

Граѓанскиот дијалог за сите, не само за организираните

На конференцијата, пред повеќе од 80 присутни, странските и домашните искуства ги презентираа шестмина воведничари. Погледнете ги презентациите од конференцијата.

Естер Хартаи, правен советник на Европскиот центар за непрофитно право ја презентираше компаративната анализа за соработка на властите со граѓанските организации на локално ниво во: Велика Британија, Унгарија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Анализата, според Хартаи покажала дека и покрај тешкотиите, овие земји преземаат активности кон усвојување на слични методи за соработка. Се препорачува локалните актери (власти, ГО, граѓани и групи) јасно да дефинираат кои аспекти од соработката сакаат да ги унапредат, која е сеопфатната цел и намери и што тие сакаат да постигнат. Учеството и соработката не треба да се резервирани само за ГО. Во начело тоа е усмерено кон граѓаните, а ГО се средството преку кое тие може да земат учество во локалните процеси. Соработката, а особено учеството, би требало да има поцврста основа во законите за локални самоуправи и други прашања кои влијаат врз учеството (на пр., пристап до информации, законодавен процес, итн.). Еден јасен и разбирлив политички документ може да ја даде рамката за соработка и да им помогне на луѓето кои работат кај властите да разберат како граѓанското општество може да поддржи цела низа на услуги.

Искуствата од регионот ги пренесоа Данко Руниќ, директор на Агенцијата за европски интеграции и соработка со граѓанското општество на градот Белград и Андреј Певец, одговорен за меѓународна соработка во Фондацијата за партнерство и развој на граѓанското општество од Пула. Данко Руниќ ја претстави Агенцијата формирана во 2005 г. како посебна единица во рамките на Град Белград, која има за цел да помогне граѓанскиот сектор да се вклучи во дијалог и партнерства во проектите кои се од посебна важност за Град Белград. Еден од претставените механизми за соработка е и Стратегијата за поддршка на развојот на граѓанскиот сектор во градот, која има за цел да ја подобри соработката помеѓу Градот и граѓанските организации преку создавање на предуслови кои ќе овозможат граѓаните заедно со институции да учествуваат во процеси кои придонесуваат на развојот на градот. Андреј Певец го презентираше искуството и пред се придобивките од основањето на Фондацијата за партнерство и развој на граѓанското општество за Истарскиот регион. Фондацијата е резултат на здружените напори на националните и локалните власти и на граѓанските организации. Истата е формирана од Националната фондација за развој на граѓанското општество, меѓутоа се финансира и од буџетот на регионалната самоуправа, буџетите на локалните самоуправни тела во истарскиот регион, приватни (странски) донатори и корпоративниот сектор. Вака здружените средства се распределуваат на граѓански организации на јавен конкурс на различни теми како: демократија и човекови права, заштита на животната средина, млади, градење капацитети и сл.

graganski-dijalog-za-site-ne-samo-za-organiziranite-2

Трендовите во Република Македонија беа согледани преку практиките за соработка на единиците на локалната самоуправа со граѓанските организации. Нив ги презентираше Димче Митрески, в.д. извршен директор на МЦМС. Со анализата биле опфатени 17 општини и 24 граѓански организации. Во неколку прашања може да се забележи разлика помеѓу општините и граѓанските организации. Општините повеќе сметаа дека иницираат соработка (76%), за разлика од граѓанските организации (54%). И причините за недостаток на стратешки документ го гледаат различно. За граѓанските организации, главна причина е тоа што не се дава приоритет, а за општините, финансиските средства. Понатаму, 47% од општините сметаат дека има постапка за вклучување на ГО во процесите на донесување одлуки, а со тоа се согласуваат само 17% од граѓанските организации. Слично е и кај прашањето на чија иницијатива се остварува соработката. Додека 94% од општините сметаат дека тоа е на заедничка иницијатива, 59% од ГО сметаат дека соработката се остварила на иницијатива на нивната организација.

Локалните искуства ги пренесоа и Мирјана Апостолова, помошник раководител на секторот за меѓународна соработка и невладини организации во град Скопје и Виолета Налевска, советник за локален економски развој во општина Битола. Градот Скопје е пример за институционална соработка меѓу локалната самоуправа и граѓанските организации преку неколку форми: Одделение за соработка, Стратегија на градот Скопје за соработка со граѓански организации, Форум на НВО на градо Скопје, Дискусиони групи, НВО портал. Градски центар за поддршка на граѓанските организации и сл. Општина Битола исто така е позитивен пример на голем број заеднички проекти меѓу општината и граѓанските организации од различни области (животна средина, родови односи, поддршка на Ромската заедница и сл.). Исто така градот обезбедува и значителна логистичка и финансиска поддршка за организациите.

Граѓанскиот дијалог за сите, не само за организираните

Во последниот дел на Конференцијата, учесниците во работни групи ги дискутираа предизвиците и најсоодветните модели за соработка помеѓу ЕЛС и граѓанските организации во Македонија. Според дискусиите, потребен е двостран, обврзувачки документ кој ќе го регулира вклучувањето на граѓаните во локален дијалог со општините. Тој стратешки документ не треба да ја регулира само соработката, туку и развојот на граѓанскиот сектор во општините. Во него треба да биде вклучено и финансирањето кое ќе биде врз основа на јасни и јавно објавени критериуми. Учесниците се согласија дека не само формално организираните групи треба да бидат вклучени во овие процеси, туку и неформалните.

Конференцијата е дел од истоимениот проект кој е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје од ЕИДХР. Вклучени институции и организации во проектот се: Министерството за локална самоуправа, ЗЕЛС и општините Битола, Дебар и Јегуновце. Цел на проектот е зголемено влијание на граѓанските организации во креирање на политиките на локално ниво.

 

Google translate

Na ndiqni

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Проекти

Кодекс за граѓански организации

 

Civica Mobilitas

Отчетни ГО

Граѓански ресурсен центар

 

СЕЛДИ

Се наоѓаш тука  : Fillimi Lajme dhe opinioni Lajme Граѓански дијалог за сите