Карактерот на политичката дебата на Твитер: Споредба помеѓу двете најголеми македонски политички партии и лидери |
Дата: јули 2020 Социјалните платформи, особено Фејсбук и Твитер земаат се поголем замав во политичките кампањи. Па така, на македонската политичка сцена се бележи раст на користењето на социјалната платформа Твитер во последните години. Иако Твитер како медиум се користи веќе неколку години од страна на политичките партии и нивните лидери, сепак од добиените податоци може да се заклучи дека интензитетот на користење е поголем за време на политичка кампања. Во следниот бриф споделуваме некои согледувања за карактерот на политичката дебата на Твитер помеѓу двете најголеми македонски политички партии. Предмет на анализа на овој бриф се Твитер профилите на најголемите македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како профилите на нивните лидери. Периодот кој беше предмет на анализа е 3 јануари – 12 јули 2020 г., односно месеците од кога започнува функционирањето на преодната влада, па се до почетокот на предизборниот молк од предвремените парламентарни избори. Објавите (postings) се снимени со помош на софтвер за машинско учење, каде во набљудуваниот период се снимени 3.579 твитер објави од четирите официјални твитер профили. |