Информативни изданија за меѓурелигиска соработка - извршно резиме |
Верските заедници во РМ имаат свои изданија во кои ги третираат тематиките од општествениот живот од аспектите на нивните верувања и убедувања. Во своите информативни изданија тие претежно се фокусираат на содржини од нивната вера, а многу малку внимание им посветуваат на другите религии и на меѓуверскиот дијалог. Со започнувањето на програмата МСМ во 2003 година, беа направени обиди да се развие свеста кај верските заедници дека нивната соработка и дијалогот меѓу нив можат да одиграат значајна улога за мирот и стабилноста на едно општество. Од тие причини преку програмата беа започнати низа заеднички информативни активности (Билтен за меѓуверска соработка, меѓуверски календари, Адресар на верските заедници, Информативен центар, Компаративни студии и сл). Преку Билтенот за меѓуверска соработка се настојуваше да се подобри знаењето кај членовите на в.заедници и кај општата јавност за другите религии, како и да се стави акцент на активностите кои верските заедници заеднички ги работат во духот на меѓуверскиот дијалог. Преку адресарот на верските заедници се настојуваше да се олесни нивната меѓусебна комуникација, но и да се овозможи еден вид на отвореност и достапност на верските заедници кон пошироката јавност. Четиригодишната работа на полето на меѓуверскиот дијалог на МЦМС покажа дека верските заедници се подготвени и имаат желба да развијат заедничка соработка заснована на взаемна почит и разбирање. Во 2003 година беше формиран и Издавачки Совет (ИС) составен од претставници на петте верски заедници (МПЦ, ИВЗ, КЦ, ЕМЦ и ЕЗРМ) чии што одговорности беа поврзани со насочување и уредување на заедничките изданија од програмата. Резулатите кои беа постигнати во овој период заслужуваат внимание, особено затоа што при креирањето на поголемиот дел од информативните изданија членовите на ИС постигнуваа согласност и активно партиципираа во активностите, а покрај квалитетот на изданијата и спроведените активности, членовите на ИС имаа можност повеќе да се среќаваат, да се запознаваат и да воспостават меѓусебни контакти кои би ги одржувале во иднина. Покрај нив и студентите од теолошките факултети активно учествуваа во активностите, пишувајќи текстови за билтенот, учествувајќи во собирањето на податоците за Адресарот итн. Со овој проект се предлага продолжување на активностите кои се покажале како успешна алатка во развојот на соработката помеѓу верските заедници: Билтенот за меѓурелигиска соработка и Адресарот на верските заедници. Со проектот се планира издавање на два броја од Билтенот за меѓурелигиска соработка (на македонски и албански јазик), како и издавање на Адресар на верските заедници на македонски, албански и англиски јазик. Соработникот на проекти од МЦМС ќе биде директно одговорен за спроведувањето на активностите од проектот, додека пак одлуките околу концептот и содржината на изданијата ќе ги донесува Издавачкиот Совет. Православниот богословски факултет и верските заедници ќе бидат партнери во програмата. Проектот ќе резултира со подобрување на информираноста за различните религии кај верските заедници и кај општата јавност и ќе допринесе во градењето на меѓуверскиот дијалог. Претпоставки кои влијаат и придонесуваат кон проектните резултати се: поддршката од верските заедници и теолошките факултети, интересот на студентите за учество во активностите. Актуелен ризик е тековната суспензија на активностите од програмата, од страна на Исламската верска заедница. Алтернатива е спроведување на активностите, со поголемо учество на другите верски заедници во Билтенот за меѓурелигиска соработка и правење обиди за нивно целосно вклучување во Адресарот за верските заедници. Временски период на спроведување е 31 март – 10 јули 2008 година. Буџетот на проектот е 400,000 МКД. |