Подобри услови за работа за околу 1.200 ученици и наставници |
Sunday, 31 January 2010 13:45 | |||
За 1.048 ученици и 141 вработен во пет училишта во руалните средини наставата се одвиваше полесно благадарение на проектитите за модернизација на образованието што во текот на 2009 година ги спроведуваше МЦМС. Во ОУ Браќа Миладиновци во с.Добрушево (Могила) беа набавени нагледни средства и помагала за опремување на фискултурната сала и за кабинетот по физика и хемија; во ОУ Гоце Делчев во с. Конче направена е демонтажа на старите и поставување на нови прозорци и врати; во ОУ Александар Турунџиев во с. Кукуречани (Битола) спроведени се истражни работи и изработка на главен проект за санација на подрумските простории; во ОУ Гоце Делчев во с. Нова Маала (Василево) направен е ограден ѕид на школскиот двор, а во ОУ Исмаил Ќемали во с. Црнилиште (Долнени) беше направено партерно уредување на училишниот двор. Вклучените не го кријат задоволството од завршените работи. „Работата ја завршивме експедитивно и успешно на задоволство на сите родители, ученици и наставници“, ни изјави Ѓорѓи Цонев, советник во општината Василево. „Позитивните реакции не можат да се опишат со зборови. Овој проблем не мачеше долги години затоа што децата во училиштето не беа безбедни, беа изложени на сообраќајот од улицата, ама сега тоа е зад нас. Сите вклучени страни одлично соработуваа, процесот беше партнерски секогаш бевме во тек со тоа што се случуваше вклучително и со постапката за набавки и изборот на добавувач. Успеавме да ги завршиме сите преземени обврски. Општината имаше и сопствено учество во проектот во уредување на дворот и засадување на зеленило, а сега се довршуваат патеките“, додаде Цонев. Буџетот на петте проекти изнесува 5.187.460 МКД и МЦМС го обезбеди преку Сокотаб и Филип Морис. Проектите беа спроведувани во соработка со општинските администрации и раководствата на училштата. Ваквите активности во соработка со Сокотаб, МЦМС спроведува веќе три години.
|