Граѓански импулс #12 – месечен осврт на активностите на грантистите - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓански импулс #12 – месечен осврт на активностите на грантистите PDF Print E-mail
Tuesday, 20 January 2026 10:54

Во последниот месец од 2025 година, граѓанските организации, актуелни грантисти на Цивика мобилитас со исто темпо продолжија да ги отвораат важните прашања и да нудат решенија за секојдневните предизвици во заедниците низ земјата. Преку конкретни активности од поддржаните граѓанскиот сектор ја потврди улогата на активен партнер во унапредувањето на здравјето, заштитата на животната средина, родовата еднаквост и младинското учество.

616739915 1216838937237940 247271490324208360 n

Во областа на здравството, фокусот беше ставен на превенцијата и навременото тестирање за ХИВ како клучни предуслови за елиминирање на епидемијата во наредните години. Националната конференција по повод Светскиот ден за борба против ХИВ, организирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а дел од проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, ги стави во фокус податоците дека околу 620 лица живеат со ХИВ, но само 71,4 проценти се дијагностицирани. Конференцијата беше реализирана во партнерство со здружението „Заедно посилни“, ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и ја истакна важноста од континуирана соработка меѓу институциите и граѓанските организации во заштитата на здравствените права.

592912315 884793440547982 6581635816484129196 n 1024x683

Истовремено, темите за животната средина и одржливиот развој беа присутни преку активности што ги поврзуваат едукацијата, науката и локалното делување. Проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, што го спроведуваат Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ), Еко Логик и Флорозон, овозможи ученици од повеќе основни училишта во Скопје да учествуваат на еднодневни работилници за техники за трансформација на биоотпадот. Преку научниот караван и посетите на училиштата, учениците се запознаа со опремата од Биотехнолошката лабораторија и преку практични експерименти учеа како органскиот отпад може повторно да се искористи. Во рамки на истиот проект беше објавена и статија за селектирањето и оптимизирањето на органската фракција од цврстиот комунален отпад, во која се појаснуваат чекорите и принципите на правилно управување со биоотпадот.

605828310 859298543488215 6484321373962150421 n

Грижата за климатските промени беше во фокус и на активностите на Центарот за одржлив развој на заедниците – Дебар, кој преку проектот „Учиме за климатските промени“ организираше едукативна посета на Националниот парк Маврово за ученици од основното училиште „Саид Најдени“ и гимназијата „28 Ноември“. Преку директен контакт со експерти од паркот, учениците се информираа за последиците од климатските промени и нивното влијание врз биодиверзитетот.

На локално и регионално ниво, проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, кој го спроведува Центарот за климатски промени заедно со уште седум организации, резултираше со конкретни чекори кон подобро управување со отпадот и одржливи политики. Така, општина Аеродром започна пилот-проект за селекција на отпадна пластика, кој во првата фаза опфаќа 50 домаќинства, со план за постепено проширување на 600. Дополнително, на 11 декември беше одржан Регионален форум за Зелената агенда во Полошкиот регион, каде заедно со општините, граѓанскиот сектор, комуналните претпријатија и бизнис-заедницата беа идентификувани клучните предизвици, а на 23 декември и работен состанок со општините Тетово, Боговиње, Брвеница, Гостивар и Теарце, со што започна процесот на подготовка на Патоказот за Зелената агенда за Полошкиот плански регион.

599930318 1179184974364163 1237676830502809106 n 1024x683

Во декември, Платформа 27 го презентираше четвртиот Извештај во сенка за Поглавје 27 за периодот 2024–2025, кој укажува на минимален или никаков напредок во усогласувањето на земјата со ЕУ стандардите за животна средина и климатски промени, но и нуди конкретни препораки за поодржлив развој.

Декември беше и месец на интензивни активности за унапредување на правата на жените и борба против дискриминацијата. Хелсиншкиот комитет за човекови права, за проектот „Еднаквост сега – Зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“, кој се спроведува во партнерство со ХОПС и Коалиција Маргини, ги објави резултатите од мониторингот на постапувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Податоците покажаа дека од јули до септември биле поднесени 89 претставки, од кои 30 од жени, што ја отвори потребата од поефикасна институционална заштита, особено за жените од маргинализираните заедници.

601386279 1312629707563462 7033375106319785877 n edited

Преку проектот „Активни жени“, хуманитарното здружение „Мајка“ организираше работилници со жени од населбите Иго Тричковиќ и Карпош, со цел зајакнување на нивните вештини за застапување и активно учество во заедницата. Паралелно, Женската граѓанска иницијатива Антико, заедно со партнерските организации, во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базираното и семејното насилство“, организираше едукативен настан во конфекцијата „Гатекс“ во Прилеп, како и панел-дискусија на Денот на човековите права под насловЗад насмевката: Како да го спречиме насилството врз жените кои се соочуваат со репродуктивни предизвици?“, отворајќи теми за психолошкото насилство, стигмата и предизвиците на работното место. Преку нивниот проект „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“, во Неготино беа доделени сертификати на жени кои успешно ги завршија бесплатните обуки за шминкер, педикир и маникир. Со овие сертификати, проектот им помогна на 53 жени во професионален и економски развој досега. Дополнително, преку проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово-инклузивни и одговорни општини“, Гласен текстилец потпиша Меморандум за соработка со општина Делчево, со што се постави основа за понатамошни активности насочени кон родова еднаквост и зајакнување на жените на локално ниво.

2 1024x630 1

Младите и образованието беа во фокус и преку проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“, што го спроведува Промо Идеа заедно со Новус од Струмица и „Круна плус“ од Радовиш. Тие во Up Hub Струмица одржаа едукативно предавање за инвестирање и управување со личните финансии. Истовремено, Про локал и нејзините партнери, преку проектот „Младински политики по мерка на младите“, ја организираа четвртата средба на Регионалната платформа за млади во Битола, каде граѓанските организации, градоначалниците и младите дискутираа за предизвиците и потребите во областа на образованието, социјалната заштита, спортот, јавниот превоз и младинското учество.

603962780 897415922641290 3159069242316486821 n

Декемвриското издание на Граѓанскиот импулс ја потврдува улогата на граѓанските организации како клучен двигател на општествените промени, кои преку проектите поддржани од Цивика мобилитас создаваат конкретни, видливи и одржливи резултати во заедниците ширум земјава.

 

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Граѓански импулс #12 – месечен осврт на активностите на грантистите