Зголемени капацитети на граѓанските организации за дигитално собирање податоци со алатката KoboToolbox - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Зголемени капацитети на граѓанските организации за дигитално собирање податоци со алатката KoboToolbox PDF Print E-mail
Monday, 16 June 2025 09:55

На 11 јуни 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), во соработка со организацијата Kobo Inc., организираше обука за дигитално собирање и управување со податоци, наменета за граѓанските организации. На обуката присуствуваа претставници од 26 граѓански организации, кои имаа можност детално да се запознаат со функциите на KoboToolbox – алатка специјално дизајнирана за собирање податоци на терен, дури и во услови без интернет конекција.

image00003 MCMS

Учесниците беа воведени во основите и предностите на дигиталното собирање на податоци, кое сè повеќе го заменува традиционалниот, рачен процес. Новите технологии овозможуваат побрзо и поефикасно прибирање информации, со намалување на грешките, можност за прикачување фотографии, мониторинг во реално време и интеграција со платформи како Excel, Power BI и GIS.

„Дигитализацијата веќе не е избор туку потреба. Ваквите обуки многу ни користат при самото работење за да ги подобриме процесите“, изјави Ивана Серафимовска од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП).

image00033 MCMS

Обучувачот Борис Ристовски ги презентираше главните карактеристики на KoboToolbox, истакнувајќи ја неговата достапност за непрофитни организации, можноста за офлајн работа, поддршката за повеќе јазици и едноставниот кориснички интерфејс. Дополнително, беа презентирани и ресурсите што стојат на располагање: Центар за помош, глобален форум, академија со курсеви за самостојно учење и мрежа од амбасадори кои нудат поддршка низ целиот свет.

image00016 MCMS

Следеше и практичен дел, каде што учесниците директно работеа со алатката преку реални примери. Суаред Алишан од Коалицијата за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“ го сподели своето искуство: „Преку оваа обука се стекнав со знаење за можностите и начинот на примена на алатката. Таа нуди современ начин на собирање и обработка на податоци, кои понатаму можат да се користат при креирање идеи за нови проекти. Од обуката ми произлезе идеја за истражување на пристапноста на лицата со попреченост.“

Обуката беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар во соработка со Kobo Inc.

 

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Зголемени капацитети на граѓанските организации за дигитално собирање податоци со алатката KoboToolbox