Граѓански импулс #5: месечен осврт на активностите на грантистите |
![]() |
![]() |
![]() |
Tuesday, 10 June 2025 08:32 | |||
Со задоволство може да кажеме дека мај беше еден од оние месеци кога граѓанските организации работеа напорно, оставајќи видливи траги низ областите што нè засегаат сите. Најсилниот импулс дојде од образованието. Министерството за образование и наука, ја прифати иницијативата на Форумот за разумни политики, Институтот за општествени и хуманистички науки и БИРС, за воведување централен регистар на државно стипендирани студенти што студираат или студирале во странство. Новиот регистар ќе го олесни следењето на нивниот академски и професионален пат, но и ќе ги поврзе со институции и компании што бараат кадри со такви квалификации. За првпат, оваа алатка ја приближува државата до стратегија што навистина го враќа знаењето дома. Оваа препорака произлегува од анализата „Густа плетка“ – истражување што ја отвора темата за вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење. Младинските прашања беа тема и во Прилеп. Младинскиот совет Прилеп ја организираше втората секторска работилница со млади, претставници на општината и граѓанските организации. Разговорот се фокусираше на тоа како да се зајакне учеството на младите во креирањето на локални политики, особено во образованието и можностите за вработување. Образованието беше тема на јавна дебата во Тетово, каде АНТИКО и средношколската група НИМБУС на панел дискусија отворија суштинско прашање – „Дали ги подготвуваме учениците за иднината?“. Над 160 учесници се вклучија во дискусија за реформата на образовниот систем, предизвиците и можностите. Посветено работеше и неформалната група „Гласна младина“, која организираше панел-дискусија за децата со попреченост, каде учество зедоа над 110 професионалци од образованието, родители и претставници од локални власти. Вклучувањето на родовата перспектива е клучно за праведни и инклузивни програми што оставаат трајни промени во заедниците. Во мај, АНТИКО и партнерските организации ја реализираа третата дводневна обука во Струга, на тема: Мониторинг и евалуација на проекти и програми поврзувајќи претставници од грасрут (grassroots) организации од сите осум плански региони. Паралелно, Центарот за граѓанска иницијатива (ЦГИ) заедно со партнерите го реализираше Караванот за еднаквост, кој патуваше низ Прилеп, Долнени, Могила, Новаци и Кривогаштани. Темата за родовата еднаквост беше приближена до граѓаните низ активности и разговори. Во истиот контекст, Гласен текстилец од Штип, Едукативно-хуманитарна организација ЕХО и Иницијатива на невработени интелектуалци ИНИ од Виница, организираа работилница за учество на жените во креирањето и спроведувањето на локални политики, со учество на над 50 жени и мажи од Штип, Делчево и Виница. На полето на екологијата и заштитата на животната средина, активистите беа присутни речиси насекаде. Еко Логик, на Денот за заштита на климата – 15 Мај, го организираше првиот научен караван со ученици од ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје, а заедно со Флорозон и Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) ја реализираа и првата јавна трибина за управување со биоотпад во општина Ѓорче Петров. Дискусиите отворија важни прашања за предизвиците и потенцијалите во домашното справување со биоотпад. На истата тема, текстилниот отпад доби нова димензија преку кампањата на Центарот за климатски промени и Младинската организација Креактив од Кавадарци. Со поддршка на општина Неготино и компанијата „Еко Текс“, на градскиот плоштад се организираше собирна акција и базар за стара облека, при што, над 100 килограми облека, наместо на депонија, си најдоа нови сопственици. Истовремено, Националниот ромски центар, во партнерство со ООУ „Кочо Рацин“ и општина Куманово, спроведе едукативни сесии за ученици за селектирање и одговорно постапување со отпадот. Ангажманот во оваа област не застана тука. Центарот за климатски промени спроведе мониторинг на сите 81 општина во Македонија, следејќи ја транспарентноста и активностите поврзани со Зелената агенда. Во исто време, заедно со партнерите организираше два регионални форуми – еден за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион, и друг за одржливо земјоделство, во Источниот регион. Младите од Струга, Охрид и Дебар, како дел од проектот „Да учиме за климатските промени!“ добија Младински инфо центри за климатски промени, каде ќе можат да се информираат, едуцираат и иницираат еко-акции. Во Струмица и Скопје, организациите „КРИК“, „Надеж“ и Здружение на социјални работници на Македонија (ЗСРМ) ги одржаа обуките „Зелено застапување преку зелена социјална и младинска работа“, подготвувајќи ги учесниците да иницираат локални еко-иницијативи со конкретни, одржливи чекори. На полето на транспарентноста и борбата против корупцијата, Центарот за граѓански комуникации работи на користење на податоците од Регистарот на вистински сопственици. На работилницата посветена за можностите и пречките за користење на овие податоци беа претставени наодите од најновото истражување за откривање евентуален судир на интереси и злоупотреби кај 360 избрани и именувани функционери. А платформата мЗаедница, развиена од Блинк 42-21, во партнерство со Метаморфозис и Рурална Коалиција беше промовирана во општините Струга, Демир Хисар и Аеродром. Тие започнаа нова ера со дигитален канал преку кој граѓаните можат директно да комуницираат со своите општини. Проектот „ДИГИЛОК“ го отвора патот кон вистинска дигитална трансформација на локално ниво. Активностите на граѓанските организации спроведени во мај покажуваат дека граѓанското општество сè повеќе се вклучува, делува и се гледа таму каде што е најпотребно. Затоа следете го Граѓанскиот импулс и понатаму, за да ги видите промените кои се можни кога граѓаните се гласни, активни и упорни.
|