Позитивните општествени промени се можни преку соработката на Владата и граѓанските организации - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Позитивните општествени промени се можни преку соработката на Владата и граѓанските организации PDF Print E-mail
Wednesday, 20 November 2024 10:55

Цивика мобилитас го одржа својот годишен настан, оваа година во соработка со Владата на Република Северна Македонија и со заеднички наслов Национална конференција на граѓански организации – Национален форум на Цивика мобилитас.

tom5558 2048x1365 MCMS

Форумот се одржа на 15 ноември во хотел Холидеј Ин и на него учествуваа повеќе од 200 претставници на граѓанските организации од целата држава кои ги поздрави амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман, а зборуваа Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Александар Кржаловски, лидер на тимот на Цивика мобилитас; Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, како и Изет Меџити, прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање; Весна Јаневска, Министерка за образование; Златко Перински, министер за локална самоуправа; Зоран Љутков, министер за култура; и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Сесија 1: Воведни обраќања

Амбасадорката Н.Е. Вероник Улман се осврна на поддршката на Владата на Швајцарија за граѓанското општество и истакна дека покрај постигнувањата, остануваат уште предизвици како што се „поларизацијата на општеството, политизацијата на граѓанските организации, финансиската ранливост, недостатокот на транспарентност и недоверба меѓу државата и граѓанското општество“. Таа истакна дека заедничкото надминување на овие предизвици ќе придонесе да се воспостават неопходни услови за граѓанското општество да стане кредибилен партнер на државата.

tom5725 scaled MCMS

Премиерот на Владата на РСМ Христијан Мицкоски во своето обраќање истакна дека е убеден дека во дијалог со граѓанските организации може да се носат поквалитетни одлуки за промени во општеството. „Суштината на овие средби е што вистински ние треба да испорачаме“, рече тој и додаде дека меѓу овој и следниот настан треба да се спроведат активности кои ќе се договорат. „Отворени сме заедно да работиме со граѓанскиот сектор и да најдеме заеднички решенија на реални проблеми, сметам дека поголема транспарентност од тоа нема“, додаде тој.

tom5837 scaled MCMS

Сесија 2: Соработка на Владата со граѓанските организации

Подобрувањето на довербата меѓу Владата и граѓанските организации и во општеството генерално е едно од клучните прашања според Александар Кржаловски, лидер на тимот на Цивика мобилитас. Тој ги покани учесниците да го искористат Форумот во духот на соработка. Генералниот секретар на Владата на РСМ, Игор Јанушев побара од граѓанските организации време за да докажат дека можат да помогнат.

tom6019 scaled MCMS

Советот, стратегијата и државното финансирање беа темите за Генералниот секретар Јанушев 

Неколку претставници на граѓанските организации ги пренесоа прашањата од нивните колеги. Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ – „Заедно посилни“ го праша Игор Јанушев за тоа какви ќе бидат следните практики во функционирањето на Советот за соработка и подготовката на Стратегијата за развој на граѓанското општество, за контролирањето на работата на граѓанските организации особено ако се има предвид искуството со прогонот на 22 граѓански организации во 2015-2016 година како и за подготвеноста на Владата да изнајде решение во консултација со ГО  за продолжување на поддршката за 8000 граѓани кои се дел од програмите за скрининг и заштита од ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции.

tom6031 scaled MCMS

Симона Младеновска од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) се осврна на државното финансирање и потребата да се употреби јасна методологија за распределба на средствата, како и на можностите за зголемување на тоа финансирање. Како дел од ресурсите со кои располага државата, Тинка Китеска претседател на здружението на граѓани за заштита на правата и интересите на вработените во државната администрација и заштита на државниот имот „Праведни и професионални“ се интересираше дали може граѓанските организации да ги користат државните објекти кои сега се оставени да пропаѓаат.

„Сигурен сум дека Владата нема да остави 8000 луѓе на улица“, рече Јанушев одговарајќи на прашањето за програмите за ХИВ. Тој најави и дека привршува подготовката на Регистарот на недвижен имот, а во врска со државното финансирање истакна дека треба, заедно со граѓанските организации, да го најдат вистинскиот начин и механизам за транспарентно доделување на средствата.

Сесија 3: Тематска дискусија со министри со влада

Образованието, животната средина и локалната самоуправа секогаш се меѓу најжешките теми

tom6095 scaled MCMS

Весна Јаневска, Министерката за образование и наука се осврна на неколку прашања на граѓанските организации кои ги пренесе Гордан Георгиев, претседател на Форум за разуми политики. Прашањата се однесуваа на вклучувањето на граѓанските организации во развојот, спроведувањето и следењето на новата национална стратегија за образование за 2026 година и на поттикнувањето на волонтерството преку формални образовни програми или државни стимулативни мерки. Таа исто така беше прашана за предлог-законите за основно и средно образование кои според некои наоди се спротивни на постоечкиот закон за спречување и заштита од дискриминација и на заложбите преземени со ратификуваните конвенции. Зборувајќи за Стратегијата, Јаневска истакна дека контактирала со околу 50 граѓански организации од кои добиле но и испратиле до нив информации за да дојдат заеднички до добро решение. „Во подготовката на законите беа вклучени ГО, и голем дел од нивните забелешки беа вклучени“, рече таа и додаде дека волонтерството и општествено корисната работа се вклучуваат како воннаставни активности од следната учебна година. Во врска со дискриминацијата, Министерката истакна дека нема да дозволи дискриминација по било која основа.

Дијалогот за животната средина се однесуваше на регионалните депонии и Охридското и Преспанското Езеро. Прашањата за Првиот заменик на претседателот на Владата и Министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити ги пренесе Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени. Меџити истакна дека оваа Влада има поинаков пристап, „не е важно од која партија е водена општината, ние се фокусираме на граѓаните“, рече тој и ги покани граѓанските организации кои придонесуваат за подобра животната средина да се вклучат во директно партнерство засновано на идеи. „Предвидуваме и грантови за граѓански организации и ќе се потрудиме да бидат доделени што е можно потранспарентно“, рече тој.

Шуип Марку, од Центарот за одржлив развој на заедницата од Дебар ги пренесе прашањата на граѓанските организации до Министерот за локална самоуправа Златко Перински. Тој побара од министерот да ги охрабри општините да ги подржат граѓанските организации не само со финансирање туку и со простории и друга логистика. Исто така се интересираше за спроведувањето на законот за младинско учество во руралните општини, за обезбедување поголема соработка и внимание кон организациите од руралните средини и за подобра транспарентност на институциите на локално ниво. „Младинското учество не би го одделил од граѓанското учество“, рече Перински и додаде дека е време градоначалниците да разберат дека политиките кои ги креираат треба да бидат во согласност со потребите на граѓаните. „Ова сакаме да го направиме заедно со ГО. Најголем проблем ќе си направат градоначалниците кои ќе одлучат да бидат затворени. Добро е самите локални самоуправи да ја зголемат транспарентноста кон граѓаните за да ги одбегнат можностите за шпекулации“, додаде тој.

Одржлив туризам со поддршка на граѓанските организации и дигитализација за општ развој на општеството

tom 7501 scaled MCMS

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, одговараше на прашања поврзани развивањето на туризмот преку одржлив развој кои стигнаа преку Дина Муцунска од здружението за еко животна средина-зелен раст и одржлив развој, „Еко-зелено движење“ од Берово. Организациите се интересираа дали министерството планира проекти за граѓанскиот сектор или малите бизниси за руралните средини кои имаат потенцијал за развој преку туризмот. Тие исто така прашаа за концептот на Организација за управување со дестинации (Destination Management Organization). Министерот Љутков рече дека се подготвуваат за нова национална стратегија од 2025 година во чија подготовка сите чинители од оваа област ќе бидат вклучени. Еден од приоритетите ќе биде транзитниот туризам, кој има потенцијал, а не е искористен. „Размислуваме за концептот на ОУД што е одличен начин за одржлив начин на туризмот и за користење на локалните ресурси“, рече тој.

Каква улога ќе имаат граѓанските организации во процесот на дигитална трансформација и дали Владата има планови за имплементација на дигитални алатки кои ќе го зголемат учеството на граѓаните и ќе овозможат следење на напредокот на јавните политики беа прашањата на граѓанските организации кои работат во сферата на дигитализација за Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, а ги пренесе Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка во „Метаморфозис“. „Ние, граѓанските организации од оваа област гледаме можност за раст и развој преку дигитализацијaта“, рече таа. Министерот истакна дека граѓанските организации имаат важна улога во градење општествен консензус за прашањето на дигитализацијата која не треба да се прави ад хок туку системски. „Ги гледаме ГО како критичари, не како критизери. Добар критичар ги воочува недостатоците и нуди решенија – ние така го гледаме граѓанското општество“, рече тој. Според Андоновски, експертизата која недостасува во министерството, треба да дојде од граѓанското општество особено кај специфичните области. „ГО треба да бидат мост меѓу институциите и граѓаните“. Тој исто така рече дека само 20% од институциите споделуваат податоци на платформата „Отворени податоци“. „Сакаме граѓанските организации да го отворат ова прашање, да направат притисок на институциите“, додаде тој. Андоновски рече дека подготвуваат унифицирани веб страници на министерствата и другите институции кои во себе имаат вградени алатки за дигитална комуникација со граѓаните. „Не е доволно институциите или општините да имаат алатки, потребно е граѓаните да ги користат“, смета тој.

Националниот форум на Цивика мобилитас собра на едно место над 200 претставници на граѓанските организации од земјава. Владата нејзината посветеност ја покажа со учеството на премиерот, генералниот секретар и петмина министри. Се надеваме дека ова е добар почеток за идната соработка и дека до следната средба, овој интерес ќе биде преточен во конкретни активности и заеднички постигнувања со кои заедно ќе се стремиме кон позитивните општествени промени.

 

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Позитивните општествени промени се можни преку соработката на Владата и граѓанските организации