Цивика мобилитас поттикнува подобра комуникација и видливост на граѓанските организации |
Thursday, 29 August 2024 13:43 | |||
На 27 август 2024 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, се одржа работилница посветена на комуникациите на Цивика мобилитас и на граѓанските организации. Вкупно 34 претставници од 33 граѓански организации, актуелни добитници на грантовите за граѓански ангажман, дискутираа за комуникацисите предизвици и како полесно да ги следат правилата за успешно известување за постигнувањата. Сите се согласија дека е важно да се стави поголем акцент на споделувањето на постигнувањата од ангажманите наместо информирање само за реализација на активностите. Иако информирањето за активности останува значајно, клучно е да се пренесат резултатите и ефектите на нивните ангажмани, што може да помогне во подобрување на јавната свест и перцепција за делувањето на граѓанските организации. Во текот на работилницата, дел од учесниците ги споделија своите искуства за комуникацијата со медиумите и за ефикасна употреба на медиумските платформи за зголемување на видливоста и влијанието на нивните активности. Дискутирани беа и прашањата за видливоста, употребата на логоата, процесот на известување за настани и слично. Тимот на Цивика мобилитас ги презентираше ресурсите кои им се на располагање на грантистите, нагласувајќи ја употребата на хаштаговите и спомнувањата (mentions) на профилите на Цивика мобилитас и СДЦ за зголемување на досегот на информациите. Истотака, беше презентирана и новата е-платформа или веб сајт на Цивика мобилитас, кој нуди многу опции за поддршка на комуникациските напори на грантистите. Сепак, дали овие опции ќе бидат искористени или не, зависи целосно од грантистите и од нивната активна употреба. Учесниците беа поттикнати да ги разберат комуникациските навики на нивните целни групи и да ги адаптираат своите стратегии за постигнување на подобри резултати. Иако објавувањето на социјалните мрежи е брзо и едноставно, важно е и редовното објавување на веб-страниците. Дополнително, беа разгледани и споредени примери од фотографии, објаснувајќи ја важноста на добро селектирање квалитетни фотографии за добра приказна или позитивна слика во медиумите.
|