Тенденција на зголемување на SLAPP тужбите во Северна Македонија: Како да се заштитиме? |
Monday, 29 July 2024 13:35 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) објави нов извештај за стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) во Северна Македонија. Извештајот, насловен „Од молк до моќ: Регионален одговор на SLAPP во Западен Балкан", открива загрижувачки тренд на зголемување на овие тужби кои се користат за заплашување на новинари и активисти. Стратешките тужби против јавно учество (SLAPPs) значително се зголемија во Западниот Балкан, при што Северна Македонија е меѓу првите десет европски земји со вакви случаи. Наједноставен начин да се опишат SLAPPs е како судска драма со високи влогови, каде што моќни тужители – приватни субјекти, државни институции или влијателни поединци – се судираат со активисти, новинари, претставници на граѓанското општество и обични граѓани кои ги критикувале. Затворениот судски систем (како што се нарекува во западните евалуации на македонското судство) во Република Северна Македонија создава поволни услови за спроведување и процесирање на судски постапки кои ги таргетираат новинарите и активистите и ја задушува слободата на говорот и истражувачкото новинарство. Моќните во овие услови на македонското судство имаат простор да измислат начини за напад на сите оние кои ќе ги спомнат во своите колумни или истражувања. Поради тоа, постои потреба за препорака за создавање на посебен оддел кој ќе работи на SLAPP случаи со добро обучени судии и персонал кои можат да одговорат на предизвиците од SLAPP. SLAPP во минатото не беше редовна мерка и средство за замолчување и притисок, но ако ги земеме предвид најновите случувања во македонското судство и пресудите против новинари од Истражувачка Репортерска Лабораторијата (ИРЛ), Пандорината кутија е отворена и се поставува тежок преседан против слободниот говор и истражувањата против моќни личности. Во продолжение истакнуваме неколку клучни наоди од извештајот:
Сегашните законски рамки се недоволни за навремена и ефикасна заштита од SLAPP. SLAPP ги искористува постоечките правни системи, што доведува до самоцензура и застрашувачки јавен дискурс. Извештајот истакнува дека во Северна Македонија нема посебна анти-SLAPP регулатива, што ги остава тужените без соодветна заштита и истиот повикува на поголема поддршка за жртвите на SLAPP, вклучувајќи правна и финансиска помош, како и психолошка поддршка. Исто така, се нагласува потребата од поголема транспарентност и воведување јавен регистар на SLAPP случаи. Сеопфатните напори наведени во овој извештај на БЦСДН и неговите организации членки се клучни чекори кон зајакнување на засегнатите страни во Западен Балкан да ги препознаат и да се спротивстават на обидите да се замолчи несогласувањето и да се ограничи граѓанскиот ангажман. Овој труд е изработен со поддршка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида).
|