Има ли излез од лавиринтот на корупцијата? - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Има ли излез од лавиринтот на корупцијата? PDF Print E-mail
Wednesday, 06 December 2023 19:05

Во пресрет на Mеѓународниот ден за борба против корупција 9 декември, денес започна „Отворениот форум за антикорупција“ што се спроведува како дел од  програмите „Граѓаните против корупцијата“ (ГПК) и Регионална мрежа за антикорупција (СЕЛДИ).

998A2236 Custom

Во пресрет на Mеѓународниот ден за борба против корупција 9 декември, денес започна „Отворениот форум за антикорупција“ што се спроведува како дел од  програмите „Граѓаните против корупцијата“ (ГПК)  и Регионална мрежа за антикорупција (СЕЛДИ). Форумот го отвори претседателот на РСМ Стево Пендаровски, кој нагласи дека за жал корупцијата станала наше секојдневие и начин на живот и дека последиците од оваа состојба се видливи за сите граѓани. Во поздравниот говор, амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, посочи дека напредокот во владеењето на правото и борбата против корупцијата се од критично значење за движењето на РСМ  на патот кон ЕУ, но пред се за граѓаните на земјата. На присутните им се обрати и директорката на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, Дон Кармин. Во нејзината видео изјава, наведе дека во земјава има многу антикорупциски шампиони кои секојдневно прават промени, и дека особено новинарите и whatchdog организациите фрлаат светлина врз коруптивните практики и поттикнуваат акции кога институциите не реагираат. По поздравните обраќања, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски ги презентираше наодите од Извештајот за проценка на корупцијата во РСМ. 

998A2116 Large Custom

„На прашањето дали ги исполнивме ветувањата за борба против корупцијата ќе одговорам и да и не“ кажа Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата на РСМ на првата панел дискусија на Форумот. „За мене е важно, како системот да не се солидаризира туку, да ги исфрли сите од секоja професија што оставаат дамка на секоја структура или институција“, рече таа. Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување корупција се осврна на постигнувањата што ги направиле  во текот на мандатот како и на опструкциите и притисоците со кои се соочувале во тоа време. Притоа спомна имиња на високи функционери за кои имале иницијативи за постапување. Директорот на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, упати критики кон дел од медиумите за штурите информации кои се објавуваат за конечните ревизорски извештаи. Тој повика да се даде значење на овие извештаи и пред да се створи притисок од јавноста. Како конкретен пример тој го посочи ревизорскиот извештај за онкологија за кој медиумите покажале интерес по обзнанувањето на скандалот и притисокот од јавноста. 

7IV01751 Custom

„Последните случувања се доказ дека покрај сите залагања на граѓанските организации, кога има политичка  волја да се злоупотреби процесот тоа ќе се направи“, изјави Снежана Камиловска Трповска, координаторката на ГПК. Како пример го посочи донесувањето на измените на Кривичниот законик во рок од 24 часа,  и брзината на нивното стапување во сила, како и процесот на селекција на новиот состав на ДКСК. Герман Филков, претседателот на Центарот за граѓански комуникации пак,  изјави дека  општеството е како никогаш досега зрело за сериозна борба против корупцијата, но она што недостасува е цврста политичка волја. 

На следната панел дискусија насловена: „Како да се постигне подобра соработка во борбата против корупцијата меѓу јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот“ во организација на Платформата на граѓанските организации за борба против корупција учествуваа истражувачот на Институтот за демократија, Миша Поповиќ, пратеничката во Собранието, Соња Мираковска, програмската директорка на Фондацијата Метаморфозис Данче Даниловска-Бајдевска, извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски и извршната директорка на здружението Конект, Никица Кусиникова. Говорниците дадоа свои мислења за тоа што може и што треба да се направи за да се зајакне соработката и за да може да се зборува повеќе за успеси отколку за неуспеси во борбата против корупцијата. 

7IV02463 Custom

Воедно, на посебна сесија, Сабина Факиќ, програмска директорка на Центарот за граѓански комуникации ги презентираше антикорупциските перформанси во јавните набавки на институциите на централната и локалната власт во РСМ. На сесијата учествуваа Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска и извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски. Отворениот форум за антикорупција продолжува и утре. 

998A2355 Custom

За повеќе детали погледнете ја агендата тука

Форумот се организира во рамки на програмите „Граѓаните против корупцијата“ подржана од УСАИД и Регионална мрежа за антикорупција поддржана од ЕУ.


Related:

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Има ли излез од лавиринтот на корупцијата?