Граѓаните и граѓанственоста се создаваат во училиштата и универзитетите |
Wednesday, 01 February 2023 13:28 | |||
Што е граѓанинот и каде го бараме? Ја губиме граѓанственоста, но може ли да загубиме нешто што сме немале? Како всушност да се консолидира граѓанството? Прашања кои на трибината „Граѓанственоста денес: Француски и македонски предизивици“ ги отвори проф. д-р Ило Трајковски, уредник на едицијата „Социологија на граѓанственоста – една француска трилогија“. „Сите граѓански ставови заслужуваат еднаква почит и уважување“, потсетува Трајковски кој со преводот на овие дела и овозможи на македонската публика да ги запознае суштинските концепти и механизми карактеристични за социолошките теми на едноставен и достапен начин. Амбасадорот на Република Франција во Македонија, НЕ Сирил Бомгартнер, во своето поздравно обраќање се осврна на образованието како место каде што може и треба да се гради граѓанската свест, а проф. д-р Ратко Дуев, Деканот на Филозофскиот факултет потсети на граѓанственоста која овозможила пацификација на политичките навики со која било заменето насилството. „Демократијата ферментира во граѓанските организации, тие се училница на демократијата, но тоа не е доволно. Граѓаните треба повеќе да ги вклучиме во јавноста и одлуките во нашата земја Проблемот е што не читаме, не разговараме доволно, но овие дела ќе бидат добар поттик да се здружиме и пронајдеме повеќе решенија за сите нас“, смета проф. д-р Гордан Георгиев. За предизвиците на институционализираната граѓанственост зборуваше проф. д-р Игор Мартинаш, автор на „Граѓанственоста: општествена врска во криза?“. Тој истакна дека нема граѓанственост доколку членовите на општеството немаат ист начин на однесување и моќ за адаптација кон промени бидејќи самото граѓанско содружништво е многу динамично. „Стручноста и компетентноста треба да се пред сé. Не смее зборот политичар, лидер да биде поважен од дипломата и образованието“, смета проф. д-р Гордана Силјановска Давкова. Фасцинираат бројките за содружничкиот свет во Франција во која има 1,5 милион активни здруженија или по едно на секои 43 жители. Во 2017 година, секој втор Французин членува во некое здружение, 22 милиони лица вршат волонтерска работа вложувајќи труд чиј волумен е еднаков на работното време на околу 1,4 милиони вработени со полно работно време. Гледано во целина, содржничкиот свет има вкупен буџет поголем од 113 милијарди евра и вработува 1,8 милиони лица (или околу 6% од вкупното вработено население во Франција.) За споредба, во Македонија има околу 7000 активни здруженија или по едно на секои 260 жители. На крајот на 2021 година, речиси секој трет граѓанин во Македонија е член на некое здружение, но активен е секој петти. Што се однесува до вработените, тие (вработените и оние кои повремено се ангажирани) се околу 0,7% од вкупното вработено население во Македонија. Трибината поттикна плодна дискусија помеѓу присутните на настанот кои ја истакнаа потребата од хармонизација на односот помеѓу индивидуата и колективитетот. „Кај граѓанинот важна е индивидуалност, но граѓанскиот сектор ја потврдува моќта за солидаризација и здружување во заеднички граѓански борби за општо добро“, вели Лилјана Поповска од здружението „Зелен институт“. Образованието е клучен аспект за граѓанственоста. Граѓаните не се раѓаат тие се создаваат во училиштата, во универзитетите. Ова е долг процес кој треба што поскоро да го започнеме, сметаа присутните професори и претставници на граѓанскиот сектор. Издавачи на публикациите се Македонски центар за меѓунардона соработка (МЦМС) како дел од програмата Цивика мобилитас и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје.
|