Дигитализација, едукација, соработка и казнивост може да ја направат борбата против корупцијата поефективна |
Thursday, 07 April 2022 08:40 | |||
Претставници од граѓанскиот сектор, Владата и бизнис заедницата на вториот ден од Националната работилница за имплементација на Конвенцијата на ООН против корупција (УНКАК) се фокусираа на зајакнувањето на соработката помеѓу засегнатите страни. Според дискутантите, ова не е проблем само на неколку институции кои директно работат во оваа сфера, туку на секоја институција, граѓанска организација, компанија и секој граѓанин во оваа земја кои само заеднички може да придонесат за намалување на корупцијата. За Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации за борба против корупција, дополнителен предизвик е бавната реформа во правосудството бидејќи неказнивоста е еден од основните проблеми. „Вие може да имате превентивни институции кои работат меѓутоа доколку не постои репресија на корупцијата, доколку излегува дека корупцијата се исплати, тогаш се обесхрабрува борбата. Мислам дека општествените ресурси сега треба да бидат насочени кон правосудството, за да се обезбеди казнивост”, додава Поповиќ. УНКАК и неговиот механизам на ревизија се моќни алатки во рацете на граѓанските организации, вели Јасмина Ристовска од МЦМС, координатор на програмата Регионална мрежа за антикорупција која се спроведува во шест земји од Западен Балкан. „На овој начин се обезбедува основа на граѓаните и граѓанските организации да ги држат владите одговорни за нивните обврски во борбата против корупцијата. Стандардите на УНКАК ја поддржуваат антикорупциската реформа и нудат моќ за промена“, вели Ристовска. За состојбата со приватниот сектор зборуваше Нена Николовска од Стопанската комора на Северна Македонија потенцирајќи дека појавите како корупција, криминал, сива економија кои негативно се одразуваат врз јавниот сектор, негативно влијаат и врз стопанството. Корупцијата е голема пречка за водење бизнис, за инвестициски вложувања и за започнување деловни потфати. „Заложбите се за целосна дигитализација при издавањето дозволи, одобренија, уверенија и други услуги во јавната администрација, бидејќи веруваме дека на тој начин ќе се минимизира можноста за коруптивно однесување, односно ќе се намали контактот помеѓу приватниот и јавниот сектор кој овозможува создавање на вакво поведение“, вели Николовска. Учесниците на работилницата дискусијата ја продолжија во работните групи водени од Матиас Хутер и Данела Њуман од Коалицијата УНКАК. Потребата да се зголеми довербата кај граѓаните за пријавување корупција преку кампањи за подигање на свеста поддржани од граѓанскиот сектор се наметна како заедничка констатација на групите. Тие сметаат дека недостасува едукација на граѓаните на оваа тема, како и меѓусебна соработка на граѓанските организации кои се директно вклучени во борбата против корупција. Од страна на институциите велат дека е потребна поголема гаранција за граѓаните кои ќе пријават корупција. Национална работилница за имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации против корупција (УНКАК) се одржа на 05 и 06 април 2022 година, а ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Учествуваа 41 претставник од граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и владините институции.
|